Во манастирот „Св. Екатерина“ на Синај, што е седиште на автономната Синајска Архиепископија, чиј претстоител истовремено е и игумен на манастирот, избувна сериозна криза. Веќе пренесовме дека монасите од манастирот на 30 јули 2025 година свикаа Собрание на кое го разрешија својот игумен, Синајскиот Архиепископ Дамјан. Тие за оваа своја одлука го известија Ерусалимскиот Патријарх, кој ги ракополага и поставува Синајските Архиепископи. Ова писмо е потпишано од 15 од вкупно 22 монаси на овој древен манастир. Тие се повикуваат на манастирскиот правилник, според кој две третини од монасите можат да донесат ваква одлука.
Истовремено, свој допис до Ерусалимскиот Патријарх испрати и Синајскиот Архиепископ и игумен на манастирот „Св. Екатерина“, Дамјан, кој оваа одлука на манастирското братство ја смета за неканонска и невалидна. Ерусалимската Патријаршија веднаш, со официјално писмо од 1 август 2025 година прифати да се застапи за решавање на настанатиот спор, за што исто така пренесовме.
Делегација на Ерусалимската Патријаршија се сретна со Архиепископот Дамјан во Атина, а потоа и со Синајските монаси, во нивниот манастир, како што известивме. Очигледно овие средби не доведоа до решавање на настанатиот спор, како што не помогнаа ниту обидите на претставници на властите на Грција да се надминат недоразбирањата.
На 26 август, во ноќните часови Синајските монаси беа насилно истерани од својот манастир. Тие тврдат дека игуменот Дамјан дошол со насилници, кои насилно ги ваделе монасите од своите монашки ќелии и ги исфрлале надвор од манастирот. Насилниците ги кршеле вратите од ќелиите каде што не им отворале – велат протераните монаси.
По овие настани, игуменот Дамјан е заклучен во манастирот, заедно со неколкумина монаси кои не се потпишале да писмото за негово разрешување, додека останатите се надвор од манастирот и бараат да се вратат внатре, но не им е допуштено. Управата на манастирот е сменета.
Протераните монаси објавија видео снимка на која се гледа како монасите се на сила извлекувани од своите ќелии.
Тие потоа, на 29 август, ги објавија и причините заради кои ја донеле одлуката за разрешување на Архиепископот Дамјан:
* Отсутност од манастирот – тој не живеел во Синај, туку претежно останувал во Атина; од 2018 година до сега во манастирот поминал вкупно само 2–3 месеци.
* Самоволно управување – ја укинал функцијата на Синајското братство како врховен орган, не свикувал собранија и ги узурпирал надлежностите.
* Соживот со жена – со години вработувал жена по име Екатерини Спиропулу во својот приватен стан во Атина, која живеела со него и присуствувала на јавни настапи, мешајќи се во управата на манастирот; се спомнува и доверлив извештај од грчкото Министерство за внатрешни работи за овој „скандалозен случај“.
* Финансиски злоупотреби – во 2024 година од официјален приход од 538.638 евра од атинскиот метох, манастирот добил само 60.558 евра.
* Непријавени продажби на имот – продал манастирски станови и магацин без одобрение од братството.
* Штетни договори – без консултација склучил договор за дигитализација со институција, каде што клучен вработен бил син на Екатерини Спиропулу.
* Манипулација со закони – соработувал со грчки функционери за донесување закон со кој во Грција се создава правно лице со име на манастирот, со нов устав различен од постоечкиот устав и манастирски правила.
По сите овие превирања, Ерусалимската Патријаршија на 3 септември издаде соопштение со кое му наложува на Архиепископот Дамјан да ги отвори портите на манастирот и да ги прими протераните монаси, а истовремено од манастирот да ги отстрани сите лица кои не припаѓаат на Синајското монашко братство. Потоа, е повикан да дојде во Ерусалим и да даде објаснување за настаните што се случиле.
Ова соопштение во продолжение го пренесуваме во целост.
Ерусалимската Патријаршија, во рамките на својата канонска јурисдикција, откако ги прифати барањата поднесени во јули оваа година од страна на Архиепископот Синајски и од Отците на Светиот Синајски манастир, а со оглед и на сегашните околности со крајна сериозност, кои го соблазнуваат верното Тело на Црквата и создаваат бројни проблеми за правилното функционирање на Светиот манастир, со ова му наложува на Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Синајски Дамјан да ги отвори портите на Светиот манастир и да ја преземе секоја потребна иницијатива, така што сите лица кои не припаѓаат на Синајското братство, веднаш и учтиво да бидат оддалечени.
Освен тоа, Неговото Високопреосвештенство е повикан да дојде во Ерусалим, како епископ на 24-тиот епископски престол на Ерусалимската Патријаршија, според древниот Тактикон, за да даде дополнителни објаснувања во врска со настаните што се случиле.
Синајското братство, од своја страна, се повикува да остане смирено, повторно да влезе во Светиот манастир и да обезбеди негово уредно функционирање со оглед на претстојните настани.
Извор: https://en.jerusalem-patriarchate.info/announcements/recent-announcement-by-the-patriarchate-of-jerusalem-regarding-the-monastery-of-saint-catherine-in-sinai/ и https://friendsofsinaimonastery.wordpress.com/

