Двајца романски светогорски старци се канонизирани од Цариградската Патријаршија

Двајца романски старци од Света Гора се додадени во синаксарот од страна на Светиот Синод на Цариградската Патријаршија. Тоа се: схијеромонахот Нифон (Јонеску) — основачот на скитот на Чесниот Претеча, и преподобниот Нектариј (Крецу), протопсалт, познат и како „Славејот на Света Гора“.

Канонизациите беа одобрени на седницата на Светиот Синод на Патријаршијата, на 18 октомври 2025 година. Канонизацијата на двајцата старци од романскиот скит на Чесниот Претеча првично беше предложена од Светиот Синод на Митрополијата на Мунтенија и Добруџа, на Романската Патријаршија, на неговата мајска седница.

„Овој Нектариј Протопсалт, познат и како Нектариј Влахот, беше еден од најголемите романски исихасти кои живееле на Света Гора“ – објасни тогаш Романскиот Патријарх Даниел. „Тој е широко познат и ценет не само меѓу Романците на Света Гора, туку и меѓу монасите од други народи. Вселенската Патријаршија покажа разбирање и го призна како голем појач — кого често го нарекуваат ’Славејот на Светата Гора’“ – додаде Патријархот.

На крајот на август оваа година беа канонизирани уште двајца романски светогорски старци: преподобниот Дионисиј (Игнат) од Колциу и преподобниот Петрониј (Тенасе) од Скитот на Претечата.

Свети Нифон од скитот на Чесниот Претеча

Свети Нифон бил роден во округот Васлуј, во сиромашно, но длабоко побожно семејство. Слушајќи за прочуениот игумен архимандрит Иринарх Рошети од манастирот Хораица, во 1826 година се замонашил таму, примајќи го монашкото име Натанаил.

Во 1840 година, заедно со монахот Нектариј од истиот манастир, заминал на Света Гора и најнапред се населил во манастирот Кутлумуш. Подоцна, купиле мала ќелија во скитот  Света Ана, каде што Натанаил го примил „големиот ангелски образ“ и станал схијеромонах Нифон.

Околу него се собрале многу монаси, некои од нив од Хораица, и заедно со својот пријател Нектариј купиле поголема ќелија крај морето, на местото наречено Керасија, на имот на Големата Лавра.

Во 1852 година тие го основале романскиот скит на Чесниот Претеча (Продром) и ја поставиле темелната плоча на неговата црква. До 1860 година храмот бил завршен и осветен од епископот Исaија Викол од Роман, кој го назначил схијеромонахот Нифон Јонеску за прв игумен на Скитот.

Во 1870 година, отец Нифон се повлекол и се вратил во Романија, каде што го основал отшелничкиот манастир Буциум во Јаш, како метох на скитот Продром. Подоцна повторно се вратил на Света Гора и се повлекол во една пештера крај морето, во близина на Скитот, каде што го завршил својот живот во пост и молитва.

Свети Нектариј Протопсалт од скитот на Чесниот Претеча

Преподобниот Нектариј Крецу, познат како Протопсалт, бил еден од најнадарените романски монаси кои живееле на Света Гора и во свое време бил сметан за најголем псалт на Светата Гора.

Роден бил во 1804 година во градот Хуши, каде што се школувал под духовното раководство на епископот Григориј од Голија (†1846). Потоа, заедно со својот брат, монахот Атанасиј, заминал во манастирот Неамц, каде што примил монашки завети и го добил името Нектариј.

Во 1842 година, двајцата браќа се населиле во една од келиите на скитот Света Ана на Света Гора.

Во 1854 година се преселиле во новоизградениот скит Продром, каде што Нектариј служел како протопсалт и духовник. Во подоцнежните години се повлекол во една ќелија во пустината Вигла, каде што живеел во молитвено безмолвие до своето упокојување.

Извор: https://basilica.ro/en/romanian-athonite-elders-canonised-ecumenical-patriarchate/