Православната Антиохиска Патријаршија, и Сириската (Јаковитска) Патријаршија на 22 април годинава објавија заедничко соопштение во врска со дванаесетгодишнината од киднапирањето на Епископите од Алепо.
Во продолжение, ова соопштение го пренесуваме во целост.
Возљубени браќа и духовни чеда,
Од киднапирањето на епископите на Алепо, Неговото Преосвештенство Булос Јазиги и Неговото Преосвештенство Јохан Ибрахим, на 22 април 2013 година, Православната и Сириската Патријаршија не престанаа со своите напори за разрешување на овој чувствителен и сложен случај. Контакти се воспоставени на сите нивоа со цел ослободување на епископите и расветлување на околностите и последиците од нивното исчезнување. Овој случај претставува суштинско прашање и за двете цркви и за сите христијани на Истокот, бидејќи го отсликува дел од страдањето на источниот човек во неговата борба за опстанок на својата земја.
Од самиот почеток, двете цркви неуморно работат на разоткривање на мистериите околу овој настан. Случајот беше претставен на највисоко црковно ниво, како и пред локални и меѓународни власти, амбасади, влади, надлежни министерства, и разузнавачки служби од регионално и светско значење. Случајот беше исто така поднесен до шефовите на држави и кралеви во регионот и пошироко, вклучително и до големите сили преку дипломатски и безбедносни канали — но без никакви видливи резултати.
Во текот на овие дванаесет години, прашањето беше повторно отворано пред многу страни, вклучувајќи ги: Сирија, Либан, Турција, Јордан, Кипар, Грција и Италија, како и пред Ватикан, Русија и САД. Но, нема ниту резултати, ниту јасни и сигурни заклучоци.
Во текот на овие години, двете цркви постојано ги повикуваа сите медиуми и социјални мрежи одговорно да се однесуваат кон овој случај и да не го користат како средство за политички конфликти и медиумски сензации.
Во славниот период на Пасха и блескавото Христово Воскресение — во време на надеж која не гасне и покрај сите рани — Антиохиската Црква се моли, дејствува и го става овој случај на врвот на своите грижи, молејќи го Бога преку искрените молитви на своите чеда за киднапираните епископи. Нивниот случај го отелотворува случајот на секој киднапиран и страдалник, и претставува мал дел од крстот на овој Исток кој копнее по зората на Воскресението.
† Јован (Десетти), Православен Патријарх на Антиохија и на целиот Исток
† Игнатиј Афрем (Втори), Сириски Патријарх на Антиохија и на целиот Исток