Две византиски цркви обновени и вратени на Костурската митрополија

Грчкото Министерство за култура на 3 август 2026 година ѝ ги предаде на Костурската митрополија двете обновени византиски цркви, со што беше завршена уште една фаза од зачувувањето на културното наследство во овој град.

Со свеченостите претседаваше министерката за култура Лина Мендони. Во рамките на настанот беше откриена обновената резбаната во дрво икона на свети Георгиј Победоносец од XIII век во храмот „Св. Георгиј“ во Оморфоклисија, во селото Пендаврисос, а беше одржана и свеченост по повод повторното отворање на храмот „Св. Архангели“ во центарот на Костур, јавува грчкиот црковен портал „Ортодоксиа“.

Се смета дека храмот „Свети Архангели“ потекнува од IX век, а бил обновен во 1359 година за време на Симеон Урош Палеолог. Според Костурскиот митрополит Калиник, храмот е историски поврзан со Јован Урош Палеолог, кој подоцна станал монах Јоасаф и учествувал во основањето на манастирите на Метеора.

Митрополитот Калиник ѝ се заблагодари на министерката Мендони и на директорката на Ефоратот за старини во Костур, Андромахи Скрекa, за реализираните реставраторски работи, а најави дека во септември ќе биде отворена канцеларија за поклонички и туристички посети под името „Византиски Костур“.

Мендони истакна дека Министерството за култура го смета Костур за еден од трите главни центри на византиското наследство во Грција, заедно со Света Гора и Метеора, нагласувајќи дека заштитата на спомениците во регионот останува национален приоритет.

На свеченостите присуствуваше и Стагонскиот и Метеорски митрополит Теоклит, кој ја пофали континуираната соработка меѓу Црквата и Министерството за култура во зачувувањето на културното наследство.

Следниот ден во храмот „Св. Архангели“ беше отслужена архијерејска Божествена литургија, по која беше извршен и помен. За време на богослужбата, митрополитот Калиник им се заблагодари на локалното свештенство, црковните настојатели и на повеќе семејства кои финансиски ја поддржаа обновата.

Обновата на овие два храма е дел од пошироката програма на грчките власти за зачувување на византиските сакрални споменици низ Костурскиот регион.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/mitropolitiko_ergo/ι-μ-καστορίας/istoriki-mera-gia-tin-vyzantini-kastoria-apokatastathikan-kai-paradothikan-dyo-emvlimatika-proskynimata/