Двегодишен јубилеј на мисионерскиот портал „Кинонија“ на Српската Црква

Со панел-дискусија на тема „Кинонија – повик кон заедница“, православниот мисионерски портал на Српската Православна Црква „Кинонија“ ја одбележа втората годишнина од својата активност. Настанот се одржа во парохискиот дом при храмот „Светиот пророк Илија“ во Белград.

На панелот учествуваа протојереј Александар Јевтиќ, протојерејот д-р Слободан Јаковљевиќ и психијатарот д-р Александар Аничиќ, а разговорот го модерираше Сања Анѓелковиќ Лубардиќ од телевизијата „Храм“.

Во присуство на архијереји, свештенослужители, соработници на „Кинонија“ и верници, беше разгледано значењето на кинонијата – заедништвото и учеството во животот на Црквата. Посебно внимание беше посветено на литургиската заедница, современите медиуми и предизвиците што ги носат дигиталното опкружување и вештачката интелигенција.

Говорниците се осврнаа и на значењето на заедницата за човекот, на разликата меѓу осаменоста и самотијата, како и на потребата од одговорен однос кон содржините што се пласираат преку интернет и социјалните мрежи.

На крајот, основачот и уредник на „Кинонија“, Бранислав Илиќ, им се заблагодари на учесниците, соработниците и читателите за поддршката на мисијата на порталот. Програмата беше збогатена со духовни песни, а на учесниците и соработниците им беа доделени благодарници.

„Кинонија“ е првиот официјален мисионерски проект во рамките на Одделот за електронска мисија при Мисионерскиот оддел на Белградско-карловачката архиепископија, кое дејствува со благослов на Неговата Светост Патријархот српски г. Порфириј. Својата работа ја започна на празникот на почетокот на индиктот – црковна нова година, на 1 / 14 септември 2024 година.

Извор: https://kinonija.rs/aktuelno/vesti/panelom-poziv-u-zajednicu-portal-kinonija-obelezio-drugu-godisnjicu-svoje-misionarske-aktivnosti/