Двоен напад врз Почаевската лавра: претрес од Украинската служба за безбедност и обид за насилно заземање

Украинските власти и расколниците ја продолжуваат својата кампања против канонската Украинска Православна Црква – известуваат Украинските црковни медиуми.

На 8 октомври годинава, службеници од Безбедносната служба на Украина  и полицијата спроведоа претрес во Почаевска лавра „Успение Богородично“, во Тернопилската област на Украина. Според весникот „Тернопил Правда“, кој се повикува на извори од органите на редот, истражните дејствија биле извршени во храмот на Сите Светии, кој се наоѓа на гробиштата на Лаврата.

Според информациите, органите на редот барале документи поврзани со наводна „незаконска регистрација“ на храмот, кој има статус на архитектонски споменик. Според верзијата на истрагата, во 2018 година свештеници од Украинската Православна Црква можеби ја регистрирале сопственоста на храмот спротивно на законот, „присвојувајќи го споменикот со измама“.

Истиот ден, непознати лица се обидоа да го заземат административниот објект на манастирот. Напаѓачите со електрична пила ги пресекле катанците на портите и се обиделе да влезат внатре, јавува „Сојузот на православни журналисти“. Меѓутоа, група богослови брзо реагирала и успеала да го спречи пробивот, потиснувајќи ги напаѓачите надвор од портите. Напаѓачите се повлекле, но се заканиле дека ќе се вратат со засилување. Очевидци изјавиле дека меѓу напаѓачите бил и раководителот на Кременецкото одделение на Украинската служба за безбедност, Сергеј Засјадко, како и директорот на државниот резерват „Кременец–Почаев“, Василиј Илчишин.

Почаевската лавра, вториот по значење манастир на Украинската Православна Црква, веќе подолго време е цел на притисоци од властите, расколниците и унијатите, кои се обидуваат да ја одземат од канонската Црква. Во март 2023 година ПЦУ (Православна Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија) формално основа своја паралелна „Почаевска лавра“ — ист чекор што го направи и пред да ја одземе Киево-Печерската лавра, од која подоцна беше протерана канонската Црква.

Во јуни 2024 година, комисија од Министерството за култура и информативна политика на Украина изврши инспекција на Лаврата, под изговор дека ја проверува состојбата на манастирските згради. Во јануари оваа година, претставници на манастирот и православни верници го спречија Министерството за култура да спроведе попис на манастирскиот имот. Слични инциденти продолжија и во следните месеци, бидејќи притисокот врз Лаврата постојано се зголемува.

И покрај прогоните, верниците на канонската Украинска Православна Црква остануваат силни во верата. Во август, 24 архијереи, бројно свештенство и илјадници верници пристигнаа во Лаврата за обележувањето на 350 години од чудесното избавување на манастирот од турско-татарската опсада во 1675 година.

Извор: https://orthochristian.com/173153.html