Егзархот за Африка на Московската Патријаршија во архипастирска посета на Габон и Ангола

Од 16 до 22 мај 2026 година се одржа посетата на Патријаршискиот егзарх за Африка на Московската Патријаршија, митрополитот Каирски и Северноафрикански Константин, на Република Габон и Република Ангола. Архипастирот за првпат ја посети Ангола – известува интернет страницата на Егзархатот.

Егзархот беше придружуван од претседателот на Мисионерскиот оддел на Патријаршискиот егзархат за Африка, свештеникот Георгиј Максимов, и личниот секретар, чтецот В.В. Дендјук.

Митрополитот Константин се сретна со руски дипломати, ги посети парохиите на Руската Православна Црква во овие земји, богослужеше и разговараше со свештенството и верниците. На парохјаните им беше предадена литература на француски и португалски јазик, подготвена од Духовно-просветниот центар „Апостол Марко“ при Патријаршискиот егзархат за Африка. На крајот од посетата, во Луанда се одржа средба на архиерејот со министерот за култура на Ангола, на која беа разгледани прашања поврзани со присуството на Руската Православна Црква во оваа земја.

На 16 мај митрополитот Константин пристигна во главниот град на Габон, Либревил, каде што истиот ден се сретна со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Република Габон, Д.Г. Корепанов.

На 17 мај, во шестата недела по Пасха, на Слепиот, владиката Константин отслужи Божествена литургија и водосветен молебен во храмот на иконата на Мајката Божја „Знамение“ во градот Нтум. Сослужуваа свештеникот Георгиј Максимов и настојателот на парохијата, свештеникот Атанасиј Ебелебеле. На верниците им беше поделена православна литература на француски јазик.

На 19 мај егзархот пристигна во главниот град на Ангола, Луанда, каде што се сретна со вршителот на должноста во амбасадата на Русија во Ангола, А.Е. Брјанцев.

На денот на Одданието на празникот Пасха, владиката Константин отслужи Литургија во парохијата на блажен Августин Ипонски, во Луанда, во сослужение на свештеникот Георгиј Максимов и настојателот на парохијата, свештеникот Серафим Тони Луманадио. Членовите на заедницата добија православна литература на португалски јазик.

На 21 мај, на празникот Вознесение Господово, Патријаршискиот егзарх за Африка ја предводеше Божествената литургија во просториите на училиштето при Амбасадата на Русија во Ангола. По богослужението, владиката отслужи водосветен молебен. На богослужението присуствуваа вршителот на должноста во амбасадата на Русија во Ангола, А.Е. Брјанцев, вонредниот и ополномоштен амбасадор на Србија во Ангола, Милош Перишиќ, вршителот на должноста во амбасадата на Романија во Ангола, Флорин Тудорие, вработени во амбасадата, сонародници и локални жители.

Како што соопштува сајтот на Патријаршискиот егзархат за Африка, на крајот од посетата се одржала средба на митрополитот Константин со министерот за култура на Ангола, Филипе Силвина де Пина Зау. Во разговорот учествувале вршителот на должноста во амбасадата на Русија во Ангола, А.Е. Брјанцев, свештеникот Георгиј Максимов, свештеникот Серафим Тони и претставници на министерството.

Извор: https://exarchate-africa.ru/novosti/zavershilas-arhipastyrskaya-poezdka-mitropolita-konstantina-v-gabonskuyu-respubliku-i-respubliku-angola/