Во рамките на започнатата екуменска Недела на молитва за христијанско единство, претставници на Евангелско-Лутеранската црква на Финска, Финската Православна црква и Римокатоличката црква во Финска традиционално, секоја година, организираат заедничко екуменско поклонение во Рим. Ова поклонение, кое започнало во 1985 година, се совпаѓа со екуменската Недела на молитва (18.–25.1.2025) и времето на годишното одбележување на споменот на свети Хенрик Упсалски. Во оваа јубилејна година на Римокатоличката црква (празнување на таканаречената „јубилејна“ година се одржува секои 25 години), поклонението ќе се одржи од 15 до 22 јануари.
Од страна на Финската Православна црква, која е автономна црква под јурисдикцијата на Цариградската патријаршија, во патувањето учествува Неговото Високопреосвештенство Илија, Архиепископ на Хелсинки и цела Финска, во придружба на секретарот за богословски прашања Елисеј Хеиккила.
Програмата на патувањето вклучува бројни екуменски богослужби и запознавање со активностите на Римокатоличката црква. Во сабота, 18 јануари, Неговото Високопреосвештенство Архиепископ Илија ќе одржи проповед на екуменска вечерна молитва во црквата на сестрите Бригитки. На денот на споменот на свети Хенрик Упсалски, 19 јануари, делегацијата ќе учествува на миса во базиликата Санта Марија сопра Минерва, која ќе ја предводи Неговото Преосвештенство епископот Рајмо Гојаорола, а проповед ќе одржи епископот на епархијата Лапуа, Мати Саломјаки.
Аудиенцијата на гостите од Финска кај Римскиот папа, или „патријархот на Западот, Светиот Отец Папата Франциск“ како што го именува сајтот на Финската црква, ќе се одржи во понеделник, 20 јануари. Членовите на делегацијата ќе се сретнат и со претседателот на Папскиот совет за унапредување на христијанското единство, кардинал Курт Кох, со вонредниот и полномошен амбасадор на Финска во Ватикан, г. Кале Канкаанпја, како и со вонредниот и полномошен амбасадор на Финска во Италија, г. Мати Ласила. Во програмата на посетата е вклучено и запознавање со базиликата Свети Петар, редакцијата на „Радио Ватикан“ и „Ватикан њуз“, како и со папската резиденција во Кастел Гандолфо.
Од Евангелско-Лутеранската црква на Финска во патувањето учествуваат епископот на епархијата Лапуа, Мати Саломјаки, деканот на епархијата Лапуа, пасторот Терхи Каира, капеланот Јохана Тјуунела-Хаапамаки, раководителот на Одделот за надворешни односи на управата на црквата, советникот за црковни прашања, пасторот Кимо Кјајариајнен и раководителката на службата за информации на Евангелско-Лутеранската црква, Еева-Кајса Хеикура. Од страна на Римокатоличката црква во Финска учествуваат Неговото Преосвештенство Рајмо Гојаорола, епископ на Католичката епархија Хелсинки, старешината на заедницата Света Урсула, отец Езе Нвоко, и отец Јозеф Дан од парохијата „Свети Хенрик Упсалски“ во Хелсинки.
Извор: https://www.ort.fi/ru/экуменическая-делегация-представит-3/