Епархијата на Ситка и Алјаска на Православната Црква во Америка објави распоред на молитвени служби во пресрет на планираната средба меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин во Алјаска, која ќе се одржи во петок, на 15 август.
Неговото Преосвештенство, епископот Алексиј на Ситка и Алјаска, на 9 август издаде пастирско послание со повик до свештенството, монаштвото и верните од епархијата да учествуваат во, како што ја нарече, „тридневно духовно молитвено воздигнување“ од 12 до 14 август, кое ќе заврши со ден на молитва на 15 август, кога лидерите се очекува да разговараат за можни патишта кон мир во тековниот конфликт во Украина.
„Во овој час го молиме нашиот Господ Исус Христос да ги упати овие разговори со милост, да ја смири непријателството и да го прекине крвопролевањето“ – изјави епископот Алексиј во официјалното соопштение. „Тоа што ќе се одржат во Алјаска е значајно за нас: оваа земја долго била мост меѓу Русија и Америка, духовно обликуван од православната вера засадена тука од светиот Герман, светиот Инокентиј и светиот Јаков, вера што до денес ја чуваат домородните народи на Алјаска.“
Епархијата организира служби во цркви низ цела Алјаска, со посебни молитвени собири на три значајни свети места:
* Вторник, 12 август, во 18:00 часот – Молебен за мир со Акатист кон света Олга од Кветлук, со посебна служба пред нејзините мошти во Кветлук. Света Олга, позната како „Мајка на цела Алјаска“, е почитувана како исцелителка и помирителка.
* Среда, 13 август, во 18:00 часот – Молебен за мир со Акатист кон свети Герман од Алјаска, вклучувајќи посебна служба во Катедралата „Воскресение Христово“ во Кодијак пред неговите мошти. Свети Герман, кој дошол од Валаамскиот манастир во Алјаска во XVIII век, е запаметен како заштитник на домородните народи и промотор на единството.
* Четврток, 14 август, во 18:00 часот – Молебен за мир со Акатист кон Ситканската икона на Богородица, со посебна служба во Катедралата „Свети Михаил“ во Ситка пред историската икона, која е опишана како „историска врска меѓу руската побожност и алјасканската вера“.
Во петок, 15 август, на денот на средбата, епархијата прогласува општ ден на молитва за мир. Црквите, каде што е можно, ќе бидат отворени за тивка молитва, а во пладне ќе ѕвонат камбаните за да ги соберат верните. Оние кои нема да можат да присуствуваат на служби се охрабруваат дома да го прочитаат Акатистот кон Пресвета Богородица или да ја изговараат Исусовата молитва.
Епархијата нагласува дека, од православна гледна точка, молитвата за водачите е „духовна должност, а не политички чин“, повикувајќи се на библиските заповеди да се молиме за оние на власт. „Иако војната е далеку, Црквата разбира дека страдањето било каде нè засега сите. Кога водачите се присутни во Алјаска, тие се наши гости, а христијанското гостопримство вклучува молитва за мудрост, воздржаност и праведни одлуки“ – се вели во официјалното соопштение.
Во своето пастирско послание, епископот Алексиј посебно повикува на молитви „за заштита на невините, враќање на заробените и утеха за ожалостените и страдалните“ и во Украина и во Русија, признавајќи ја „неизмерната тага што ја носат и украинските и руските верници“.
Молебните се отворени за сите граѓани.
