На 10 февруари 2026 година, Светиот Синод на Цариградската патријаршија донесе одлуки во врска со службата на епископот Емилијан Мелојски и ѓаконот Христос Карафотијас. Владиката Емилијан порано бил архијереј на Грчка православна архиепископија на Австралија и духовно чедо на почитуваниот старец Емилијан Симонопетриски.
Во указот се наведува дека „поради канонските престапи во кои паднале, беа изречени следниве црковни казни: на епископот Емилијан – шестмесечна забрана за сите свештенодејствија,а на ѓаконот Христос Карафотијас – лишување од свештенички чин и враќање во редот на мирјаните“.
Епископот Емилијан тврди дека за одлуката дознал од пријател кој видел објава на социјалните мрежи.
Ѓаконот Карафотијас потоа објави дека уште во декември бил примен во Руска Задгранична Црква, во Епархија Чикаго и Средна Америка, од страна на архиепископот Гаврил Монтреалски, кој служи како местобљустител по упокојувањето на архиепископот Петар. Тој тврди дека, кога побарал благослов за студии во САД, му било кажано да си најде друга јурисдикција. Според него, повеќекратните обиди за комуникација со Австралиската архиепископија биле игнорирани, па поради „постојаното непочитување“ архиепископот Гаврил решил да го прими. Ме напаѓаат поради мојата духовна врска со епископот Емилијан, кој ми е како татко“, изјави тој.
Епископот Емилијан, кој моментално живее во САД и повеќепати служел Литургија во катедралата на Православна Црква во Америка во Далас, и одржувал духовни предавања во разни парохии, даде изјава за американската редакција на Сојузот на православни журналисти.
На прашањето дали пред синодската одлука имало комуникација со него за обвиненијата, Епископот Емилијан изјави: „Немаше никаква комуникација – ни пред, ни за време, ни по тоа. Немав поим дека некој ме обвинува за нешто, ниту бев известен дека постои обвинение, ниту пак добив било какво известување дека е донесена одлука за ’случајот’. Пријател што видел објава на фејсбук ми кажа дека сум казнет. Никаква официјална или директна комуникација. Дури и световните правни системи имаат похристијански и похуман пристап.“
Потоа, запрашан дали ќе продолжи да држи предавања и да служи по одлуката, владиката појасни: „Единственото што направија е што ми одзедоа околу шест Литургии што требаше да ги служам во следните шест месеци. Можам да живеам со тоа. Не можат да ме спречат да зборувам за Бога, дури и ако неканонски ме расчинат, на ист начин како што сега ме казнија. Би можел книги да напишам за нив со работите што ги знам. Но не сум заинтересиран да контактирам со нив за решавање на случајот. Времето ќе помине.“
На прашањето дали планира жалба или појавување пред духовен суд, Епископот Емилијан рече: „Не сум заинтересиран. Во моментов имам исполнет живот. Не можам да губам време на непотребни средношколски драми.“
