Епископ на Црквата на Грција при молебенот за дожд: „Донесовме закони што се спротивни на волјата Божја“

Многуброен верен народ и свештенството од градот Ејалија на Пелопонез, Грција, предводен од Митрополитот Калавритски и Ејалиски г. Јероним и во присуство на умировениот Митрополит Калавритски г. Амвросиј, во средата на 6 ноември излезе на литија со „Непорочните страсти“ на Господа (така ја именуваат светињата која во себе содржи: парче од Чесниот Крст, дел од Трновиот венец, дел од Сунѓерот со кој бил напојуван Господ на Крстот, дел од Багреницата и прамен коса од светиот Јован претеча), кои беа донесени од манастирот „Свети Архангели“.

Литијата се одржа со свеченост и благочестие од плоштадот во градот Егио до Митрополитскиот храм „Богородица Фанеромени“, на чиј дворен простор, Високопреосвештениот г. Јероним поклонувајќи се, упати молитва во име на собраниот народ Божји, барајќи го милосрдието и милоста на Господа за прекин на сушата што ја зафаќа областа, но и целата земја Грција.

По завршувањето на службата, архијерејот во своето кратко обраќање рече дека, „по бројни барања на верниците, денес се собравме за да направиме литија со светињата на ’Непорочните Страсти’ на нашиот Господ и да упатиме молитви, со чувство на покајание и длабока вера кон Господ, и да Го замолиме Оној што се распна и ја пролеа крвта Своја за нашето спасение, да ја покаже повторно Својата милост и човекољубивата добрина за да го спаси нашето место и татковина од долготрајниот период на суша, да ги отвори небесата и да ни испрати благопријатен дожд за плодност на земјата. Да ја олесни нашата болка, бидејќи земјата е жедна, природните извори пресушуваат, насадите се загрозени, особено пак насадите со маслинки, кои веќе втора година по ред не се очекува да ја дадат посакуваната количина плод. Оваа суша е резултат на тоа што се оддалечивме од Бога, ја десакрализировавме и ја дехристијанизиравме нашата татковина, донесовме закони што се спротивни на волјата Божја. Затоа денес покајани, со смирение, Го молиме Господ, со светињата на ’Непорочните страсти’ пред нас, да не нè напушти, да не ја одземе Својата животворната благодат од Својот народ. Оваа божествена благодат е таа што секогаш, во сите тешкотии што ги поминавме како народ, нè спасува и нè покрива. Зашто, ако Он ја одземе Својата благодат од светот и од нас, луѓето, тогаш вкусуваме и доживуваме катастрофални состојби за нас и за целиот свет.“

Потоа, тој ги повика верниците да го засилат жарот на својата молитва овие денови, повторувајќи ја од длабочината на срцето молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине и Логосе Божји, помилуј нè нас грешните и не нè напуштај“, да не престанат да се надеваат на Троичниот Бог и на нашата Мајка Богородица, извикувајќи ги од своето срце зборовите: „сета моја надеж ја полагам на Тебе, Мајко Божја, заштити ме под Твојата закрила“.

И заврши: „Го ставивме Христос нашиот настрана, но Он е покрај нас и нè чека, и кога повторно ќе Го повикаме во нашите животи, тогаш ја преобразува, ја обновува со Својата бескрајна светлина. Сите да ја имате благословот на нашиот Христос и благодатта на нашата Богородица.“

Потоа, Високопреосвештениот ја донесе светињата на „Непорочните Страсти“ во внатрешноста на храмот „Богородица Фанеромени“, каде што беше поставена за поклонение на верниците.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/mitropolitiko_ergo/ι-μ-καλαβρύτων-και-αιγιαλείας/kalavryton-ieronymos-thespisame-nomous-pou-einai-enantioi-sto-thelima-tou-theou-litaneysi-ton-axranton-pathon-gia-tin-katapaysi-tis-anomvrias/