Во рамките на 58. сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации, која се одржува во Женева од 24 февруари до 4 април 2025 година, настапи претставникот на Естонската Православна Црква при Московската Патријаршија, епископот Тартуски Даниил (Леписка). Во присуство на дипломати од земјите-членки на Обединетите Нации, претставници на Обединетите нации и меѓународни организации за човекови права, владиката ја изрази загриженоста околу подготовката на нацрт-закон за измени на естонскиот Закон за црквите и парохиите.
Конкретно, епископот Тартуски Даниил изјави:
„Во моментов, парламентот на Естонија разгледува закон кој ни забранува да имаме какви било врски со религиозниот центар во Руската Федерација. Меѓутоа, ние не можеме да се откажеме од канонската врска, бидејќи тоа е дел од нашата вера. Законот содржи одредби според кои, фактички, одговорноста за постапките на верските лидери од друга држава се префрла врз Естонската Православна Црква. Но, тоа е спротивно на правниот принцип на индивидуална одговорност. Сметаме дека дејствијата на естонските власти се спротивни на меѓународното право и може да доведат до сериозни последици, создавање омраза во општеството и нарушување на човековите права…“
Владиката соопшти за намерата да започне активна правна борба за заштита на верските права на меѓународно ниво, со цел да се постигне ефикасен правен и дипломатски одговор на заканите кон слободата на вероисповедание што произлегуваат од подготовката на овој закон.
Настапот на претставникот на Естонската Православна Црква беше поддржан од меѓународната алијанса за човекови права „Црква против ксенофобија и дискриминација“, како и од организации со советодавен статус во Обединетите Нации: „Public Advocacy“ и VSI „Zmogaus teisiu apsauga“.
Претседателот на организацијата „Public Advocacy“, Олег Денисов, во својот коментар истакна:
„Преку Меѓународната алијанса ‘Црква против ксенофобија и дискриминација’ го добивме обраќањето од верниците на Естонската Православна Црква во врска со проблемите во односите со властите на Естонија. По анализа на поднесените материјали, сметаме дека предлог-измените на законот за црквите и парохиите, особено неговите одредби за забрана на верските организации во Естонија слободно да избираат и воспоставуваат канонски и организациски врски со верски центри во странство, се спротивни на меѓународното право, бидејќи го кршат правото на слобода на вероисповед. Тоа право вклучува и право на верниците самостојно, без било какво мешање, да ја изберат правната и организациската структура, вклучувајќи начини и форми на однос со странските религиозни центри. Државата не смее да им наметнува на верниците услови и параметри за практикување на нивните религиозни уверувања, ниту да забранува или бара прекин на историски воспоставените канонски врски.“
„Од наша страна ќе ја поддржиме Естонската Православна Црква, вклучувајќи и со правна помош за заштита на нејзините интереси во рамките на Специјалните постапки на Обединетите нации, преку директни контакти со официјалните претставници на меѓународните механизми за заштита на човековите права во Женева, Њујорк и Брисел, во ОБСЕ, како и во институциите за заштита на човековите права на Европската Унија и други надлежни тела.“
Извор: https://ru.orthodox.ee/news/predstaviteli-epcz-mp-zayavili-v-oon-o-narusheniyah-prav-veruyushhih/
