Епископот Герасим од Православната црква во Америка го посети Подворието во Москва

Со благослов на Неговото Блаженство Митрополитот Вашингтонски и на цела Америка и Канада г.г. Тихон, Неговото Преосвештенство Епископот Герасим од Форт Ворт и помошен епископ на Јужната епархија, неодамна ја посети Русија. 

По неговото пристигнување во Москва на 2 декември, Епископот Герасим се сретна со Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Антониј Волоколамски, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија. На состанокот се разговараше за состојбата на православието во Северна Америка и за тековната соработка меѓу двете Цркви. На средбата присуствуваа и протојереј Игор Јакимчук, заменик-претседател на Одделот, и протојереј Даниел Андрејук, старешина  „Св. Екатерина“, московското подворие на Православната црква во Америка.

Посетата на Епископот Герасим се совпадна со празникот на светата великомаченица Екатерина на 7 декември, славата на храмот „Св. Екатерина“. 

За време на својата посета, Епископот Герасим отпатува во Казан, каде што отслужи сеноќно бдение за празникот Воведение на Пресвета Богородица, заедно со Митрополитот Кирил Казански во храмот на Казанската икона на Мајката Божја. 

Во своето обраќање, Митрополитот Кирил се осврна за дејноста на свети Тихон во Северна Америка, истакнувајќи ја духовната врска помеѓу Руската Црква и Православната Црква во Америка. Потоа тој му подари на Епископот Герасим копија од Казанската икона на Мајката Божја. 

Епископот Герасим изрази благодарност за подарокот и се обрати кон присутните: 

„Ваше Високопреосвештенство, отци, браќа и сестри, 

Со благослов на Неговата Светост Патријархот Кирил, дојдов овде да сослужувам со Митрополитот Кирил. Многу е важно да ја изразиме нашата вера преку сослужување – особено преку Светата Литургија. Неговото Блаженство Митрополитот Тихон Вашингтонски и на цела Америка и Канада ви испраќа братски поздрави за овој празничен ден. 

Голем благослов е за мене, како претставник на Православната Црква во Америка, да ја посетам вашата република. Катедралата во главниот град на Татарстан е многу убава, како и службите. Голема чест е да бидам со вас и да уживам во вашето гостопримство.“ 

Бдението за празникот заврши со поклонение пред чудотворната Казанска икона на Богородица, која се чува на јужниот крај на иконостасот. 

На празникот, Епископот Герасим сослужуваше на светата Литургија со Митрополитот Кирил за храмовиот празник во црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ во Воведенска Слобода, мало гратче јужно од Казан. Црквата беше преполна со верници, а храмовиот хор ги предводеше песнопенијата. 

Во своето обраќање, Митрополитот Кирил истакна дека празникот се совпаѓа со годишнината од востоличувањето на Патријархот Тихон како Патријарх на цела Русија, кој направил значителен придонес за растот на Православната Црква во Северна Америка. 

По Литургијата, следеше празнична трпеза, на која беа пеени химни и народни песни на руски, англиски и татарски јазик. 

На 6 декември, Епископот Герасим го предводеше празничното бдение за празникот на светата великомаченичка Екатерина во украсената црква преполна со верници. Следниот ден, за време на празничната Литургија, присуствуваа и претставници од други автокефални православни цркви, потврдувајќи ја важноста на ова подворие како место на заедничко богослужение и средби.

По Литургијата, протојереј Даниел го поздрави Митрополитот Антониј, а Епископот Герасим го прочита пастирското послание на Неговото Блаженство Митрополитот Тихон пред собраните верници.

Протојереј Даниел го водеше Епископот Герасим низ црквата, покажувајќи ги иконите подготвени за новиот иконостас, како и многуте убави светилишта со икони на светителите од Северна Америка. Подворието „Св. Екатерина“ функционира како заеднички дом за богослужение, не само за Руси и Американци, туку и како место за средби помеѓу Православната Црква во Америка и други автокефални православни цркви.

Извор: https://www.oca.org/news/headline-news/his-grace-bishop-gerasim-visits-oca-representation-church-in-moscow