Епископска хиротонија во Старозагорската епархија на Бугарската православна црква

Епископската хиротонија на архимандритот Богослов (Димитров) – клирик и досегашен протосингел на Старозагорската епархија, се одржа во неделата на 22 декември, во соборниот храм „Св. Николај Мирликиски Чудотворец“ во Стара Загора. На седницата одржана на 10 декември годинава, по предлог на Старозагорскиот митрополит Кипријан, Светиот Синод одлучи тој да биде воздигнат во епископски чин со титула Маркијанополски.

На Божествената Литургија на која началствуваше Неговото Високопреосвештенство Старозагорскиот митрополит Кипријан сослужуваа и Високопреосвештените митрополити: Пловдивскиот Николај, Доростолскиот Јаков и Сливенскиот Арсениј; епископите: Величкиот Сиониј – игумен на Бачковскиот и Тројанскиот манастир, Тивериополскиот Тихон – патријаршиски викар, Велбуждскиот Исаак – втор викар на Софискиот митрополит, Белоградчишкиот Поликарп – прв викар на Пловдивскиот митрополит, Смоленскиот Висарион – втор викар на Пловдивскиот митрополит; архимандритите Сергиј Пушкар, Максим Глухчев, Атанасиј Султанов, Дионисиј Мишев и други свештенослужители. Покрај многубројните верници, беа присутни и претставници од државните власти.

Маркијанополскиот епископ Богослов (Димитар) Здравков Димитров е роден во градот Рила, Ќустендилската област. Дипломирал на Софиската духовна семинарија „Св. Иван Рилски“ во 1999 година, а потоа и на Богословскиот факултет при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ во 2005 година. Поседува магистерска диплома по специјалноста „Стопанско управување“ од Факултетот за економија и управување при Високото училиште за агробизнис и развој на регионите во Пловдив, како и професионална квалификација за наставник од Одделот за информации и усовршување на наставниците при Тракискиот универзитет во Стара Загора.

Замонашен е во Шипченскиот манастир „Рождество Христово“ во 2010 година, а ракоположен е за јероѓакон и јеромонах во 2011 година. Во 2012 година е испратен на двегодишна специјализација во Московската духовна академија „Преп. Сергиј Радонешки“. Во 2015 година е возвишен во архимандритски чин, а во 2016 година е назначен за протосингел на Старозагорската митрополија.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/hirotonia-na-markianopolskia-episkop-bogoslov