Во своето неодамнешно обраќање во Атина, Ерменскиот патријарх Арам воспостави значајни мостови на комуникација, но и на единство со Православната Црква – известува грчкиот црковен портал „Ортодоксиа инфо“.
„Халкидонскиот собор беше разделувачки настан во историјата на Источното христијанство. Но денес, преку дијалогот, сфативме дека во суштина имаме заедничка христологија. Различни толкувања, различна фразеологија предизвикаа поделба во Источното христијанство. Но денес мора да потврдиме дека сме обединети во нашата христолошка мисла и учење“, изјави ерменскиот патријарх.
„Да бидам јасен: Ерменската Црква не е монофизитска. Повторувам, ние не сме монофизити. Тоа не го велам јас, туку историјата. Ние не сме моно-, туку миафизити. Разликата е на грчки: ‘од’ и ‘во’, т.е. ‘од две’, ‘во две’. Кога велиме дека не сме монофизити, туку миафизити, мислиме на две обединети природи, а не на една природа. Една природа е ерес, но обединетата природа е православие“ – продолжи со објаснувањето патријархот Арам.
Продолжувајќи со својата мисла, патријархот Арам нагласи дека „преку дијалог, Источните (Ориентални) и Источните Православни сфативме дека нашата теологија е длабоко вкоренета во заедничката апостолска вера. А во однос на Халкидонскиот собор, дојдовме да кажеме – нашите теолози, Никос Нисиотис, Романидис, Вселенскиот патријарх и други – сите ние, и јас бев дел од овој процес – дека денес јасно прифаќаме дека нашето толкување е православно. Ја прифаќаме духовноста на тоа толкување.“
Ерменскиот патријарх Арам, кој престојуваше во Атина по повод промоцијата на својата книга за Ерменската Црква на грчки јазик, преведена од митрополитот на Неа Јонија, Гавриил, јавно го повика Цариградскиот патријарх да го обнови дијалогот: „Од различни причини, овој процес на дијалог во еден момент запре. Треба да го продолжиме. Под водство на Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх, сите заедно сме дел од овој процес. Треба да го продолжиме овој процес. Треба повторно да ја активираме нашата посветена учество во овој теолошки дијалог“, рече тој.
Она што патријархот Арам го нарекува „монофизитство“ е краен облик на монофизитството, кој денес веројатно ниту една црква не го исповеда како свое учење. Миафизитството, пак, согласно со православната догматика е умерен вид на монофизитство кој сепак не се совпаѓа со православното учење, и покрај изјавите на патријархот Арам. Помеѓу останатото, миафизитите сметаат дека Христос има една волја, и не го прифаќаат Четвртиот вселенски собор во Халкидон, заради што се наречени и „дохалкидонски“ цркви.
Извор: https://orthodoxia.info/news/o-armenios-patriarchis-leei-eimas/