На 17 јануари 2026 година, Ерусалимскиот Патријарх заедно со другите христијански поглавари во Светата Земја објавија заедничка изјава во која истакнуваат дека христијанскиот ционизам е штетна идеологија која тие не ја поддржуваат, а поединците коишто ја промовираат на територијата на Светата Земја „ја доведуваат јавноста во заблуда, внесуваат забуна и го нарушуваат единството на стадото“.
Оваа изјава, објавена на официјалната интернет страница на Ерусалимската Патријаршија, во продолжение ја пренесуваме во целост.
Изјава на патријарсите и поглаварите на црквите во Ерусалим за единството и претставувањето на христијанските заедници во светата земја
Патријарсите и поглаварите на Црквите во Светата Земја, пред верните и пред целиот свет, потврдуваат дека стадото Христово во оваа земја им е доверено на Апостолските Цркви, кои со непоколеблива преданост ја носат својата света служба низ вековите. Неодамнешни активности, преземени од поединци на локално ниво кои промовираат штетни идеологии, како што е христијанскиот ционизам, ја доведуваат јавноста во заблуда, внесуваат забуна и го нарушуваат единството на нашето стадо. Овие активности наоѓаат поддршка кај одредени политички чинители во Израел и пошироко, кои настојуваат да протуркаат политичка агенда што може да му наштети на христијанското присуство во Светата Земја и на поширокиот Блиски Исток.
Светото Писмо нè поучува дека „ние, иако многумина, сме едно тело во Христа, а поединечно сме членови еден на друг“ (Рим. 12, 5). Да се присвојува власт надвор од заедништвото на Црквата значи да се рани единството на верните и да се отежни пастирската мисија доверена на историските Цркви токму во земјата каде што нашиот Господ живееше, поучуваше, пострада и воскресна од мртвите.
Патријарсите и поглаварите на Црквите понатаму со загриженост забележуваат дека овие поединци биле примени на официјално ниво, и локално и меѓународно. Таквите постапки претставуваат мешање во внатрешниот живот на Црквите и занемарување на пастирската одговорност што им е доверена на Патријарсите и Поглаварите на Црквите во Ерусалим.
Патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим повторно истакнуваат дека тие и само тие ги претставуваат Црквите и нивното стадо во прашањата што се однесуваат на христијанскиот верски, заеднички и пастирски живот во Светата Земја.
Нека Господ, Кој е Пастир и Чувар на душите, дарува мудрост за заштита на Својот народ и за чување на Неговото сведоштво во оваа света земја.
Патријарсите и Поглаварите на Црквите во Ерусалим

