Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски Теофил, заедно со останатите претстоители на црквите во Светата Земја на 17 декември 2025 година упатија отворен апел до израелските власти да дозволат лекување на децата од Газа кои боледуваат од леукемија. Во апелот се нагласува дека нема никакви трошоци за израелската држава, туку од властите се бара само на тие деца да им биде дозволено да бидат однесени во блиската болница во Ерусалим.
Апелот во целост го пренесуваме во продолжение.
Ние, Патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим, со почит бараме од надлежните израелски власти да издадат дозволи со кои ќе им се овозможи на децата од Газа кај кои е дијагностицирана леукемија да отпатуваат во болницата „Аугуста Викторија“ на Маслиновата Гора, за да добијат специјализиран третман кој единствено таму им е достапен.
Болницата „Аугуста Викторија“ е подготвена да го организира не само превозот, туку и целосната грижа и лекување на овие млади и особено ранливи пациенти, по што, по завршувањето на третманот, болницата ќе ги врати во нивните домови во Газа.
Овој апел го упатуваме од хуманитарни причини. Третманот за оваа болест не е достапен во Газа, а истиот има потенцијал да ги промени животите на оние кои се погодени од неа. Нема да има никаков финансиски товар за државата, бидејќи сите трошоци ќе бидат покриени од болницата.
Апелираме дозволата за лекување на овие млади пациенти да биде одобрена што е можно побрзо. Како и кај секоја болест, навременото започнување на третманот е од суштинско значење за добар исход. Затоа, искрено се надеваме дека надлежните власти ќе најдат за сходно да им дозволат на овие пациенти да ја добијат медицински неопходната грижа што можат да ја обезбедат одличните капацитети на болницата „Аугуста Викторија“, за овие деца да можат да го започнат својот пат кон оздравување и здравје.
† Патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим
