Ерусалимската Патријаршија го потврди разрешувањето на Синајскиот Архиепископ Дамјан

Светиот Синод на Ерусалимската Патријаршија на својата седница на 8 септември 2025 година донесе едногласно решение за симнување од тронот на Архиепископот Синајски г. Дамјан. Ова решение е донесено земајќи ја предвид одлуката на братството на Синајскиот манастир од 30 јули годинава, со која го отстрани Архиепископот Дамјан од игуменското место, како и обвинувањата од братството за неговите канонски престапи. Деведесетиедногодишниот Архиепископ Дамјан беше повикан да се јави и да даде објаснување пред Синодот на Ерусалимската Патријаршија, но тој не се појавил и решението е донесено во негово отсуство.

Ерусалимската Патријаршија објави дека била информирана преку властите на Грција дека Архиепископот Дамјан има намера да се повлече од првосвештеничкиот трон.

Во продолжение ги пренесуваме двете соопштенија на Ерусалимската Патријаршија за прашањата на Синајскиот манастир и Синајскиот Архиепископ Дамјан, од 6 и од 8 септември годинава.

Соопштение за прашањето на светиот манастир „Света Екатерина – Синај“ (6 септември)

Во врска со долгото соопштение, кое му се припишува на заминатиот од манастирот Архиепископ Синајски г. Дамјан, возљубен во Христа брат и епископ, кој канонски ѝ припаѓа на древната Ерусалимска Патријаршиај, беше решено неговата содржина да биде занемарена, за да се избегнат засега соодветните канонски санкции. Несоодветниот и антицрковен дух на споменатото соопштение, кое содржи навредливи и лажни тврдења, разделувачки за Ромејството, потврдува мноштво сведоштва според кои е несомнено дека тоа не произлегува од перото на заминатиот Архиепископ.

Дополнително, се забележува дека заминатиот Архиепископ, со постапки кои не се во склад со неговата лична биографија, доведе во манастирот сомнителни лица кои извршија насилства и протераа чесни членови на Синајското Братство, ја држеа Светата Обител затворена подолг период, што предизвика најсилна загриженост за светите реликвии и историските богатства од нејзината архива.

Почитуваното Светогробско Братство на Патријаршијата Ерусалимска, почитувајќи ја историјата и долгогодишниот придонес на заминатиот Архиепископ и разбирајќи ја неговата човечка немоќ, се моли за неговото здравје, просветлување и покајание. Со радост беше прифатена информацијата од Грчката Влада за неговото мирно и достоинствено заминување, кое ѝ прилега на неговата возраст.

Древната Патријаршија, имајќи канонска и духовна одговорност над Архиепископијата Синајска, без намера за административно мешање во внатрешните работи на манастирот, придонесе преку посредувања, совети и татковски поуки за смирување на кризата. Приоритет останува враќањето кон каноничноста и обновувањето на нормалното функционирање на светиот манастир.

Патријаршијата ги повикува Синајските отци на нормално спроведување на постапките за избор на наследник, предвидени со Темелните канони, за да може да биде примен новоизбраниот игумен на манастирот и тој да биде ракоположен во Пресветиот и Животворен Гроб на Воскреснатиот Господ, како вистинско чедо на Црквата Сионска.


Соопштение на Ерусалимската Патријаршија за прашањето на светиот Синајски манастир (8 септември)

Светиот Синод на Ерусалимската Патријаршија се собра денес, на 8 септември 2025 година (по нов стил), согласно канонскиот поредок, очекувајќи го присуството на Архиепископот Синајски г. Дамјан, согласно со канонските права и обврски, но тој, веќе беше заминат и населен во Атина, и не присуствуваше.

Светиот и Свет Синод, земајќи ја предвид одлуката на Синајското Братство од 30 јули тековната година за отстранување на Архиепископот од игуменската должност, како и официјалната жалба од 31 јули, која се темели на канонските престапи во кои паднал Архиепископот, едногласно реши негово симнување од Тронот на Архиепископот Синај, Фаран и Раито, определувајќи неговото идно обраќање да биде: „Поранешен Архиепископ Синај, Фаран и Раито“.

Неговото Блаженство, земајќи ја предвид намерата на Архиепископот Синајски г. Дамјан да се повлече во петок, на 12/9/2025, за да ги олесни процедурите за избор на нов Архиепископ, со што практично ја покажува својата подготвеност за нормализирање на функционирањето на светиот манастир на Богочекорената Гора Синај и за канонското спроведување на изборот, а исто така и неговата напредната возраст, во дух на љубов во Христа и почит кон заминувачкиот архиереј, реши обраќањето „Поранешен Архиепископ Синај, Фаран и Раито“ да важи од 12 септември.

Патријаршијата, како грижлива мајка и негувателка, покажа великодушност, љубов и разбирање, дури и во моменти на нарушување на црковниот поредок. Неговото Блаженство, како милостив Отец и Патријарх, се грижи пред сè за зачувувањето на мирот и единството на Црквата.

Затоа, Синодот од срце му посакува на заминувачкиот Архиепископ долг живот и секое добро дарување од Пресветиот и Животворен Гроб на Воскреснатиот Господ наш Исус Христос и го повикува Синајското Братство да пристапи кон потребните дејствија, согласно канонските одредби и неговото предание.

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/anakoinothenta/ανακοινωσισ-του-πατριαρχειου-ιεροσο-10/