Ерусалимската патријаршија ги заврши подготовката и печатењето на целосниот текст на Светото Писмо на арапски јазик. Изданието ги вклучува книгите на Стариот и Новиот Завет и е наменето за бесплатна поделба на православните христијани од арапското говорно подрачје во Светата Земја.
Како што е соопштено на веб-страницата на Ерусалимската црква, проектот е реализиран по иницијатива и со поддршка од Ерусалимскиот патријарх Теофил III, во соработка со Библиското друштво на Светата Земја. Новото издание се планира бесплатно да им се дава на парохиите, духовните образовни институции и на верниците.
Од патријаршијата нагласија дека книгата е наменета, пред сè, за паствата од арапското говорно подрачје на Ерусалимската православна црква, како и за сите христијани во регионот, на кои арапскиот им е мајчин јазик.
Да потсетиме, богослужбениот живот во Ерусалимската црква се одвива на грчки и на арапски јазик. Значителен дел од нејзината паства ја сочинуваат токму Арапите – жители на Палестина, Јордан и Израел. Посебно внимание во Ерусалимската патријаршија се посветува на работата со младите кои зборуваат арапски. Парохиските училишта, младинските движења и православните извиднички организации дејствуваат претежно на арапски јазик, кој останува главен јазик во секојдневната комуникација на локалните верници.
Според текот на историските околности, раководството на Ерусалимската патријаршија традиционално се формира од клирици Грци, а поголемиот дел од верниците се Арапи. Затоа, проектите поврзани со арапскиот јазик и верското образование, Црквата ги смета за важно средство за одржување на врската помеѓу црковната јерархија и локалните заедници.
Како што забележуваат меѓународните медиуми, христијанските заедници на Блискиот Исток во последните децении се соочуваат со намалување на бројот на населението поради емиграцијата, економските тешкотии и регионалните конфликти. Во овие услови, црковните структури се стремат да го зајакнат својот идентитет и да ја зачуваат врската на верниците со христијанското наследство на нивниот мајчин јазик.
Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/erga/εκδοσις-της-αγιας-γραφης-παλαιας-και-κ/ преку: https://gorthodox.com/news-item/ierusalimskij-patriarhat-izdal-bibliyu-na-arabskom-yazyke
