Ерусалимската Патријаршија повторно апелира за прекин на систематското насилство на Израелците против Христијаните

Ерусалимскиот Патријарх Теофил, заедно со поглаварите на останатите христијански цркви во Светата Земја, повторно упатија заеднички апел за прекин на систематското насилство против христијаните извршено од изреалските доселеници на Западниот Брег. Во апелот се изразува протест против недејствувањето на надлежните израелски власти и обидите за прикривање на злосторствата и кампањите за дезинформација кои ги дискредитираат жртвите. Сличен апел беше објавен неодамна, како што пренесовме.

Во продолжение ова соопштение, издадено во Ерусалим на 29 јули 2025 година го пренесуваме интегрално.


Соопштение за нападот извршен во христијанскиот град Тајбе

Ние, патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим, изразуваме длабока загриженост и непоколеблива осуда поради уште еден насилен напад што беше насочен против христијанскиот град Тајбе на Западниот Брег. Неколку возила беа запалени, а графити со пораки на омраза беа испишани — јасен чин на заплашување насочен кон мирна и верна заедница втемелена во земјата Христова.

Овој тежок инцидент не е изолиран случај. Тој е дел од алармантен образец на насилство од страна на доселениците против заедниците на Западниот Брег, вклучително нивните домови, свети места и начин на живот. Само пред неколку дена, доселениците насилно влегоа во Тајбе, терајќи добиток низ самиот центар на градот. Маскирани лица, некои вооружени, други на коњи, дивееја по улиците, ширејќи страв и загрозувајќи ја светоста на секојдневниот живот. Оган стигна и до ѕидовите на древната црква, жив сведок за трајното присуство на христијанската вера во Светата Земја.

Жалиме што официјалните изјави на израелската полиција го сведоа инцидентот само на материјална штета, при што го изоставија поширокиот контекст на систематско заплашување и насилство. Таквите пропусти ја искривуваат вистината и не се осврнуваат на прекршувањата на меѓународното хуманитарно и човеково право, вклучително и правото на верска слобода и заштита на културното наследство.

Дополнително загрижува реакционерната дезинформациска кампања од страна на групи поврзани со израелските доселеници, активирана како одговор на неодамнешните дипломатски посети на Тајбе. Наместо да се справат со сериозните прекршувања што се случуваат, овие наративи имаат цел да ги дискредитираат жртвите и да го намалат значењето на меѓународната солидарност. Таквите извртувања имаат за цел да го одвлечат вниманието и да го прикријат криминалното однесување, што е спротивно на меѓународните норми.

Длабоко сме вознемирени од климата на неказнивост која преовладува, што го поткопува владеењето на правото и го загрозува мирниот соживот во Земјата на Воскресението. Недостатокот од одговорност не само што ги загрозува христијанските заедници, туку ги разнишува и моралните и правните темели што го поддржуваат мирот и правдата за сите.

Бараме од израелската влада да постапи со морална јасност и посветеност:

– Да ги изведе пред правдата одговорните за овие злосторства без одложување;

– Да обезбеди ефикасна и постојана заштита за народот на Тајбе и сите ранливи заедници;

– Да ги исполни своите обврски според меѓународното право и да гарантира еднаквост пред законот.

Искрено им благодариме на дипломатските мисии и меѓународните партнери кои го посетија Тајбе и изразија солидарност со неговиот народ. Вашето присуство носи надеж и морална сила. Ве повикуваме да продолжите со вашата поддршка. Агресијата продолжува — и затоа е потребна нашата заедничка будност и молитва за мир втемелен на правда.

Патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим

Извор: https://en.jerusalem-patriarchate.info/announcements/statement-by-the-patriarchs-and-heads-of-churches-on-the-attack-in-the-christian-town-of-taybeh/