Ерусалимската патријаршија протестира против заграбувањето на нејзино земјиште од страна на Израел

Православната Ерусалимска Патријаршија изрази длабока загриженост поради израелската интервенција и заграбувањето на земјиште, насочено кон црковен имот во Силоам на 2/15 јуни 2026 година.

Во текот на операцијата, претставникот на Патријаршијата бил насилно отстранет од местото, неговата опрема била конфискувана, дрвја биле искорнати, а имотот бил ограден со огради и порти. Патријаршијата соопшти дека овој инцидент претставува незаконско и неоправдано заземање на признат црковен имот во срцето на Ерусалим.

Патријаршијата нагласи дека земјиштето, парцела број 6 од градежниот блок 29985, е регистрирано на нејзино име согласно официјалните архиви, се наоѓа во близина на древен манастир и содржи историски, археолошки и верски елементи. Таа подвлече дека заземањето на овој приватен црковен имот, со неговото христијанско наследство и верско значење, создава опасен преседан за правата на Црквата во Ерусалим. Патријаршијата додаде дека повикувањето на општинска наредба за хортикултурни работи, издадена на 18 април 2019 година и истечена во април 2024 година, не обезбедува никаква законска основа за искорнување на дрвјата, отстранување на законскиот чувар, оградување на црковното земјиште или забрана на пристапот на Патријаршијата до сопствениот имот.

Патријаршијата изјави дека случувањата во Силоам се дел од поширок контекст на сè поинтензивни напади насочени кон слабеење на домородното христијанско присуство во Светата Земја. Со длабока загриженост го забележа зголемувањето на израелските напади врз христијаните и Црквите, во атмосфера на неприфатлива меѓународна толеранција кон таквите дејствија. Во текот на 2024 година биле регистрирани 111 израелски напади или насилни дејствија против христијански клирици, монахињи, верници и црковни заедници, од кои 35 биле насочени кон храмови, манастири и верски симболи.

Во однос на Газа, Патријаршијата потсети на нападот на израелската армија врз комплексот на храмот „Свети Порфириј“ на 19 октомври 2023 година, при што биле убиени 18 цивили, како и на нападот врз храмот на Светото Семејство на 17 јули 2025 година, кој резултирал со смрт на тројца цивили и ранување на отец Габриел Романели.

Патријаршијата нагласи дека заштитата на црковниот имот претставува духовно и историско наследство и дека зборовите „Блажени се миротворците“ упатуваат на почитување на законот, сопственоста, светите места и достоинството на автентичното христијанско присуство во Ерусалим.

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/arthrografia/πατριαρχειον-ιεροσολυμων-η-αρπαγη-γη/