Православната Ерусалимска патријаршија, заедно со Латинската Ерусалимска патријаршија на 26 август годинава издадоа заедничка изјава по повод најавите на Израелската влада дека ќе ја преземе контролата на градот Газа. Упатствата од Изреалските власти дека населението треба да биде преселено на југот од појасот Газа е „еднакво на смртна казна“ – се вели во изјавата. Затоа свештенството и монаштвото во појасот Газа одлучи да не ги напуштаат своите комплекси, каде што веќе се згрижени стотици цивили.
„Ова не е вистинскиот пат. Не постои причина да се оправдува намерното и насилно масовно раселување на цивили“ – се апелира во соопштението и итно се повикува меѓународната заедница да дејствува за запирање на деструктивната војна и за враќање на исчезнатите лица и на израелските заложници.
Во продолжение оваа изјава ја пренесуваме во целост.
Заедничка изјава од Православната и Латинската Ерусалимска патријаршија
„По патот на правдата има живот, а во нејзината патека нема смрт.“ (Изреки 12, 28).
Израелската влада пред неколку недели ја објави својата одлука да ја преземе контролата на градот Газа. Последниве денови медиумите постојано известуваат за масивна воена мобилизација и подготовки за скорешна офанзива. Истите извештаи укажуваат на тоа, дека населението на градот Газа, каде што живеат стотици илјади цивили – и каде што се наоѓа нашата христијанска заедница − треба да биде евакуирано и преселено на југот на Појасот. Во моментот на оваа изјава, наредбите за евакуација веќе беа во сила за неколку населби во градот Газа. Сè уште стигнуваат извештаи за силно бомбардирање. Има сè повеќе уништување и смрт во ситуација која беше драматична и пред оваа операција. Најавата на израелската влада дека „ќе бидат отворени портите на пеколот“ навистина добива трагични форми. Искуството од минатите кампањи во Газа, објавените намери на израелската влада во однос на сегашната операција и извештаите од терен што сега пристигнуваат до нас, покажуваат дека операцијата не е само закана, туку реалност која веќе е во процес на спроведување.
Од почетокот на војната, православниот комплекс „Свети Порфириј“ и комплексот „Свето семејство“ се прибежиште за стотици цивили. Меѓу нив има постари луѓе, жени и деца. Во латинскиот комплекс веќе многу години сместуваме лица со попреченост, за кои се грижат Сестрите Мисионери на Милосрдието. Како и другите жители на градот Газа, бегалците кои живеат во објектите ќе мора да одлучат според нивната совест што ќе прават. Меѓу оние кои побараа засолниште меѓу ѕидините на комплексите, многумина се ослабени и неухранети поради тешкотиите во последниве месеци. Напуштањето на градот Газа и обидот за бегство на југ би било еднакво на смртна казна. Поради оваа причина, свештенството и монахињите одлучија да останат и да продолжат да се грижат за сите оние што ќе бидат во комплексите.
Не знаеме точно што ќе се случи на терен, не само за нашата заедница, туку и за целото население. Можеме само да го повториме она што веќе го кажавме: Не може да има иднина заснована на заробеништво, раселување на Палестинците или на одмазда. Го повторуваме она што папата Лав XIV го кажа пред неколку денови: „Моќните мора да ги почитуваат сите народи, дури и најмалите и најслабите, во нивниот идентитет и нивните права, особено во правото да живеат во своите земји; и никој не може да ги принуди на егзил.“ (Обраќање до групата бегалци од Чагос, 23.8.2025).
Ова не е вистинскиот пат. Не постои причина да се оправдува намерното и насилно масовно раселување на цивили.
Време е да се запре оваа спирала на насилство, да се запре војната и да се даде приоритет на заедничкото добро на народот. Доволно беше уништување на териториите и во животите на луѓето. Нема причина да се оправдува држењето на цивили како затвореници и заложници во драматични услови. Сега е време за лекување на многустрадалните семејства на сите страни.
Со иста итност апелираме до меѓународната заедница да дејствува за запирање на оваа бесмислена и деструктивна војна и за враќање на исчезнатите лица и на израелските заложници.
„По патот на правдата има живот, а во нејзината патека нема смрт“ (Изреки 12, 28). Да се молиме сите наши срца да се обратат, за да можеме да одиме по патиштата на правдата и животот, за Газа и за целата Света Земја.
