Во ексклузивно интервју за Грчката радио-телевизија Ерусалимскиот Патријарх Теофил III се осврна на војната меѓу Израел и Иран, на положбата на православните христијани во Сирија и на опасностите на Блискиот Исток.
„Прашањето за Сирија и нас нè засега посебно“, истакна меѓу другото, по повод терористичкиот напад врз православниот храм на „Св. пророк Илија“ во Дамаск.
Како што рече Ерусалимскиот Патријарх: „Штом почна кризата во Сирија, ние стапивме во контакт со Неговото Блаженство, Патријархот Антиохиски Јован. Имавме телефонска комуникација, ми зборуваше за тешкотиите, нешто што јас го пренесов и до надлежните власти кај нас“ и додаде дека „кога се случи овој настан, повторно имавме телефонска комуникација со Антиохискиот Патријарх. Ми рече дека е уплашен“.
Тој изјави: „Потоа побарав од Генералниот конзул на Грција да стапам во контакт со министерот за надворешни работи на Грција, Јерапетритис, кој навистина ме повика по телефон – се наоѓаше во Брисел – и темелно разговаравме за целото прашање на христијаните во Сирија и пошироко на Блискиот Исток. И всушност му дадовме одредени информации, бидејќи имавме документ – соопштение од ИСИС во кое се споменуваат христијаните – тие христијани кои, наводно, ‘јадат свинско месо’, но на многу навредлив јазик – и беа наведени пет христијански цркви кои ќе бидат следна цел“.
Ерусалимскиот Патријарх дури додаде: „Подоцна дознав дека и самиот Патријарх на Антиохија, Јован, бил поставен за цел“.
Потоа посочи: „Гледам дека постои интерес од страна на премиерот на Грција, кога беше овде и се сретнавме. Покажа интерес за положбата на христијаните“, и како што објасни Ерусалимскиот Патријарх, тоа е прашање што ги засега „и Европејците и Американците“.
Сепак, нагласи дека „не треба да останеме само на зборови, туку да дејствуваме и на дело“.
