Ерусалимскиот Патријарх за говорот на Јорданскиот крал во Обединетите Нации

Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски Теофил III истакна дека говорот што Неговото Величество Јорданскиот крал Абдула II ибн Ал-Хусеин го одржа пред 81-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации содржи јасна порака во одбрана на мирот, правдата и човечкото достоинство, истовремено нагласувајќи ја постојаноста на ставот на Јордан во однос на Ерусалим, Светите Места и нивниот народ.

Неговото Блаженство посочи дека значењето на јорданскиот став произлегува од Хашемитското покровителство над исламските и христијанските Свети Места во Ерусалим. Тој го опиша ова покровителство како историска, верска и национална одговорност, која придонесува за зачувување на идентитетот на Светиот Град, за одржување на неговиот верски и историски карактер, како и за потврдување дека исламските и христијанските Свети Места се неразделен дел од идентитетот и наследството на Ерусалим.

Блаженејшиот истакна дека Ерусалимската Патријаршија стои покрај Неговото Величество кралот Абдула II во неговите непроменливи ставови во однос на Ерусалим и неговите Свети Места, како и во одбраната на правата на христијаните и муслиманите, кои историски се поврзани преку заеднички традиции. Тој нагласи дека, од страна на Црквата, Неговото Величество денес претставува прв и најистакнат гарант за заштитата на христијанското присуство во Ерусалим и за поддршката на правото на тамошните жители да останат, цврсто да се држат до своите домови и да го зачуваат своето историско и верско наследство.

Тој додаде дека заштитата на христијанското присуство во Ерусалим е нераскинливо поврзана со заштитата на самиот Град и дека непрекинатото христијанско присуство претставува суштински елемент на неговата историја, како и на неговата верска и културна порака. Тој ја истакна важноста од поддршката на отпорноста на неговиот народ и од зачувувањето на Светите Места и нивниот идентитет.

Неговото Блаженство го пофали говорот на Неговото Величество кралот поради неговата посветеност на принципите и меѓународното право, како и поради неговото отфрлање на двојните стандарди. Тој потврди дека Ерусалим бара одговорни ставови за заштита на Светите Места и нивниот народ, како и за унапредување на можностите за мир, дијалог и соживот меѓу верниците од сите религии.

Патријархот Теофил III повтори дека ставот на Јордан кон Ерусалим претставува продолжение на долгогодишната Хашемитска традиција, посветена на заштитата на Светите Места и унапредувањето на верската хармонија. Тој истакна дека Ерусалимските цркви сметаат дека овој пристап е од витално значење за поддршка на опстанокот на жителите на Ерусалим и го сметаат Неговото Величество кралот Абдула II за постојан глас во одбрана на Светиот Град, неговиот народ и неговите Свети Места. На тој начин, ова придонесува за зачувување на универзалната порака на Ерусалим, неговата мисија и неговата верска и човечка димензија, како и за зачувување на христијанското присуство како автентичен елемент на неговата историја и идентитет.

🇯🇴 Jordan - King Addresses United Nations General Debate, 81st Session | #UNGA🇯🇴 Jordan – King Addresses United Nations General Debate, 81st Session | #UNGA

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/arthrografia/πατριαρχης-θεοφιλος-γ΄-η-ομιλια-του-βα/