Ерусалимскиот Патријарх: Естонската влада да го преиспита Законот „За цркви и парохии“

„Ерусалимската Патријаршија ги препознава предизвиците, болката и поделбите што постојат во Европа и целиот свет во ова тешко време, и повторно го упатуваме нашиот повик за братски разговори засновани врз дијалог и помирување.“

Ова, меѓу другото, го истакна Ерусалимскиот Патријарх г.г. Теофил во своето обраќање по повод изгласувањето на Законот „За цркви и парохии“ од страна на естонскиот парламент на 9 април годинава.

Измените во законот предвидуваат дека црква, манастир или друга верска структура што дејствува во Естонија, не смее да биде финансиски поврзана преку статут или друг документ со државен орган, духовен центар, духовен водач или организација што има седиште во странска земја која претставува закана за безбедноста, јавниот и уставниот поредок на Естонија. Целта на измените е да се обезбеди дека верските структури не можат да се користат за поттикнување омраза или насилство против друга држава, националност, вера, традиции или вредности. Тоа, во суштина, значи дека Естонската православна црква, под раководство на митрополитот Евгениј од Талин и цела Естонија, ќе мора да ги прекине врските со Московската патријаршија.

Пораката на Ерусалимскиот Патријарх

Изјавата на Ерусалимскиот патријарх е следната:

Во духот на желбата за единство во нашата црква, Ерусалимската Патријаршија изразува загриженост поради усвојувањето на Законот „За цркви и парохии“ од страна на Естонскиот парламент на 9 април, кој ги принудува црквите да ги прекинат врските со Руската православна црква. Оваа одлука ќе ги погоди безброј верници во цркви и манастири ширум Естонија.

Ерусалимската Патријаршија силно го поддржува правото на слободно и безбедно извршување на верските обреди. Во Ерусалим, многу добро ги познаваме ограничувањата наметнати во име на безбедноста, особено за време на Чинодејствието на Слегување на Светиот Оган, што го доживуваме секоја година. […] Го повикуваме естонското раководство да го преиспита овој закон за доброто на сите верници во Естонија. За нас, ова е уште еден пример за итната потреба од црковно единство.

Светот е изморен од конфликти, и во ова време, суштински е важно Православната црква да вложи во дијалог и исцелување. Иако сме многубројни, ние сме едно тело и мора да работиме заедно за да бидеме миротворци, какви што човештвото очекува. Тоа не можеме да го направиме ако сме разделени и во судир. Ерусалимската Патријаршија ги препознава предизвиците, болката и поделбите што постојат во Европа и целиот свет во ова тешко време и повторно го обновува повикот за братски разговори засновани врз дијалог и помирување.

Ерусалимската Патријаршија, втемелена на векови напори за помирување и мир, подава рака на добра волја и посредување до нашите патријаршиски браќа. Да се обединиме за да ги посееме семињата на мирот и исцелувањето, за да ставиме крај на страдањата и да придонесеме за оздравување во православното семејство.

Претседателот на Естонија не го потпиша законот

Законот беше изгласан од 60 пратеници, наспроти 13 против, во парламент од 101 место. Сепак, за да стапи во сила, беше потребно и одобрување од претседателот, кое не беше добиено. Претседателот на Естонија, Алар Карис, одби да ги потпише измените, наведувајќи дека тие се спротивни на Уставот.

„Московската патријаршија ја поткопува сувереноста и демократијата на државите, но измените на законот во својата сегашна форма се спротивни на членовите 40, 48 и 11 од Уставот, бидејќи непропорционално ја ограничуваат слободата на здружување и вероисповед“, истакна Карис во официјалното соопштение.

Поред него, „нејасната забрана на надворешни односи ќе предизвика правни спорови и може да доведе до ограничување на слободите на сите здруженија, вклучително и на политичките партии“.

Карис додаде дека постојното законодавство веќе нуди доволно механизми за контрола на верските заедници. „Проблемот не е во недостигот на правни средства, туку во нивната примена. Доколку е потребно, тие треба поактивно да се користат“, изјави тој.

Тој потсети дека Кривичниот законик го дефинира предавството како кривично дело, што вклучува и непријателско влијание и ширење дезинформации во полза на странски организации.

„Уставот треба да се толкува така што за забрана на некоја организација не е доволна само одредбата дека е „управувана“ од странски субјект. Таква забрана, токму поради својата нејасност, би имала несоодветен одвратувачки ефект во демократското општество“, заклучи естонскиот претседател.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_ierosolimon/patriarxis-ierosolymon-i-esthoniki-kyvernisi-na-epaneksetasei-ton-nomo-peri-ekklision-kai-enorion-ekklisi-gia-enotita-kai-symfiliosi/