Ерусалимскиот Патријарх го повика дипломатскиот кор во Ерусалим да ја брани слободата и човечкото достоинство

Неговото Божествено Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил III, заедно со Советот на патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим, на 6 февруари 2026 година, ги прими генералните конзули и членовите на дипломатскиот кор во седиштето на Патријаршијата, во Ерусалим. Во текот на средбата, Неговото Блаженство се осврна на итните морални одговорности со кои се соочува Светата Земја и нејзините жители.

Во своето обраќање, Неговото Блаженство говореше за тешката човечка цена што претставува реалност низ целата Света Земја, со посебен осврт на Газа, каде што разурнувањето и лишувањето продолжуваат да ги погодуваат невините. Тој се осврна и на својата пастирска посета на Газа, заедно со Латинскиот патријарх Пјер Батиста Пицабала, и ја пофали истрајната улога на сведоштво на христијанските заедници, кои продолжуваат со делото на хуманитарна помош и солидарност среде човечката болка. Воедно ја истакна и важноста од постојана меѓународна вклученост, која ја поддржува обновата и меѓурелигиската одговорност.

„Црквата не може да го одврати своето лице од човечкото страдање“, изјави Неговото Блаженство. „Нашиот Господ нè поучува дека сè што правиме за најмалиот наш брат, за Него го правиме. Оваа вистина го раководи нашето присуство и нашата должност на оваа земја.“

Неговото Блаженство понатаму предупреди за ескалацијата на нападите од страна на доселеници низ целата Западен брег, наведувајќи напади што ги погодуваат христијанските заедници во Тајбе и Бирзејт, и ја изрази својата загриженост поради проширувањето на населбите во близина на Бејт Сахур, еден од најголемите преостанати христијански градови на Западниот брег.

Патријархот Теофил III изрази сериозна загриженост и за ограничувањата на слободата на богослужение во Ерусалим, вклучувајќи ги и ограничувањата што беа наметнати за време на празнувањето на Светиот Оган и во текот на целата Страсна седмица. Тој нагласи дека пристапот до Светите места претставува свето право, втемелено на векови вера и на важечкиот режим на статус-кво. Поточно, тој се осврна на строгите ограничувања на бројот на дозволени поклоници, нарушувањето на традиционалното учество на извидниците и агресивното полициско присуство, оценувајќи ги овие појави како неприфатливи повреди на слободата на богослужение и на човечкото достоинство.

Тој, исто така, го обнови апелот на Црквата за хуманитарен пристап, за да можат децата заболени од рак од Газа да патуваат до болницата „Августа Викторија“ во Ерусалим за лекување што би им го спасило животот, и ја истакна итната потреба од отстранување на пречките поврзани со дозволите за влез, со кои се соочуваат наставниците и клучниот персонал, а кои го нарушуваат образованието и средствата за егзистенција.

„Нашата мисија е исцелението“, рече Неговото Блаженство, „да ги исцелуваме телата, да ги исцелуваме душите и да го чуваме достоинството кое Бог му го дарувал на секој човек.“

Во заклучок, Неговото Блаженство го потсети дипломатскиот кор во Ерусалим дека „блажени се миротворците“, потврдувајќи дека правдата, милоста и смелоста во верата остануваат единствените патишта што водат кон возвишеноста на светиот град Ерусалим.

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/arthrografia/-μακαριωτατος-πατριαρχης-θεοφιλος-γ/