Ерусалимскиот Патријарх испрати одговор за спорот на Синајскиот манастир

Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил III испрати писмен одговор до Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Синајски г. Дамјан, откако и Архиепископот Дамјан, и братството на Синајскиот манастир „Св. Екатерина“ испратија допис до Ерусалимскиот Патријарх, под чија јурисдикција се наоѓа овој манастир и Синајската Архиепископија. Потсетуваме дека монашкото братство свика собир на кој го разреши од игуменската должност Архиепископот Дамјан, на што тој реагираше наговестувајќи канонски санкции за монасите.

Ерусалимскиот Патријарх се залага за помирување и најави дека ќе испрати тричлена комисија за да ја испита ситуацијата и да направи напор за мирно надминување на спорот.

Писмото, објавено на 1 август 2025 година на сајтот на Ерусалимската Патријаршија во продолжение го пренесуваме во целост.


До
Неговото Високопреосвештенство
Архиепископ Синајски, Фарански и Раитски
г. Дамјан

Со духовна загриженост и внимателно читање го примивме писмото од Вашето Високопреосвештенство до Ерусалимската Патријаршија, со коешто ја изразувате Вашата желба Патријаршијата да преземе духовна и канонска одговорност за решавање на итното прашање во врска со црковниот статус на Светиот манастир Синај.

Овој апел претставува јасно признание дека, согласно Светите Канони и непоколебливото Предание на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, Ерусалимската Патријаршија има духовна и канонска јурисдикција над патријаршискиот и ставропигијален Синајски манастир. Оттука, очигледно е дека секое барано чесно помирување може да се спроведе само преку признатиот канонски пат и со пастирската грижа на Престолот на Црквата на Сион.

Ја цениме во Господа оваа изјава на доверба и црковна расудливост од Ваша страна, и во искрен одговор на поканата од Вашето Високопреосвештенство, потврдуваме дека Ерусалимската Патријаршија е подготвена да ја започне соодветната црковна постапка. Ќе испратиме кај вас тричлена делегација за, во духот на вистина, помирување и соработка со Братството на Синај, да се направи секој можен напор кон посакувано и мирно решавање на проблемот што се појави.

Веќе разговаравме по телефон со Вашето Високопреосвештенство за да Ве увериме дека остануваме со внимание и во молитва, за да не ве надвладее „ниту неволја, ниту тага“ (Рим 8, 35), туку Божјата благодат да го исполни и осветли секој потфат.

Од Најсветиот и Живоносен Гроб се молиме Архипастирот Христос да нè вдахнови сите кон она што е вистинито и добро, и богочекорената земја на Синај да може да продолжи со сведочење на светоста, смирението и мирното воздигнување кон Бога.

Со патријаршиски благослови и највисока почит,

† Теофил III
Патријарх Ерусалимски

Извор: https://en.jerusalem-patriarchate.info/letters-messages-of-his-beatitude/letter-of-his-beatitude-patriarch-theophilos-iii-to-his-eminence-archbishop-of-sinai/