Ерусалимскиот патријарх изрази загриженост поради спречувањето на Молдавскиот архијереј да замине во Ерусалим

Архиепископот на Белтски и Фалештски г. Маркел на аеродромот во Кишињев

Ерусалимскиот патријарх Теофил III изјави дека е загрижен поради ситуацијата со Архиепископот Маркел во Молдавија, кому властите не му дозволија да отпатува по Благодатниот оган во Израел, известува рускиот медиум РИА Новости. 

„Задржувањето на Архиепископот Маркел предизвикува загриженост“, изјавил Патријархот Теофил на англиски јазик за време на средбата со делегацијата на Фондот на Андреј Првоповикан, која го носи Благодатниот оган од Ерусалим во Русија.

Во петокот, на Архиепископот Белтски и Фалештски г. Маркел од Православната Црква на Молдавија, која е самоуправна Црква во рамките на Московската Патријаршија, повторно не му беше дозволено да отпатува во Израел по Благодатниот оган. Претходно, во четвртокот, тој веќе се обидел да замине, но бил задржан на аеродромот во Кишињев за дополнителна проверка, поради што задоцнил на летот. Руската православна црква ги нарече овие постапки на молдавските власти прекршување на верската слобода, што може да ги лиши верниците од Благодатниот оган, и побара да се истражи овој инцидент.

Властите во Молдавија преминаа кон репресивни мерки против секое поинакво мислење во земјата – под изговор е уапсена лидерката на Гагаузија, Евгенија Гуцул, на аеродромот во Кишињев се приведуваат пратеници поради посета на Русија, а против низа опозициски политичари се покренати кривични постапки. Освен тоа, Кишињев се обидува да ги забрани протестите 30 дена пред и по изборите. За да им одбијат регистрација на кандидатите без објаснување, и на тој начин да не им дозволат да учествуваат на избори, владејачката партија предложи проширување на овластувањата на службата за информации и безбедност, наводно „за борба против изборна корупција“, пишува РИА Новости.

Извор: https://ria.ru/20250418/markell-2012204243.html