Неговото Блаженство, Патријархот на Светиот Град Ерусалим и на цела Палестина и Јордан, г.г. Теофил III, во вторник, на 14 јули 2026 година, се сретна со амбасадорот на Соединетите Американски Држави, г. Мајк Хакаби, во седиштето на Православната Патријаршија во Стариот град на Ерусалим – известува интернет страницата на Ерусалимската Патријаршија.
За време на средбата беа разгледани повеќе прашања, меѓу кои: присуството на христијаните во Светата Земја, медицинската евакуација на пациенти од Појасот Газа, пристапот до гората Тавор и имотните права на Црквите.
Патријархот Теофил побара од амбасадорот Хакаби да ја поддржи иницијативата за воспоставување хуманитарен медицински коридор за транспорт на пациенти заболени од рак од Газа, вклучително и деца, до болницата „Августа Викторија“ во Ерусалим. Со ова барање се повторува принципот што Патријархот го истакна и претходно годинава: „Службата на Црквата е да придонесува за олеснување на секоја човечка болка.“
Патријархот, исто така, ја изрази својата загриженост поради ограничувањата со кои се соочуваат свештенослужителите и поклониците при пристапот до гората Тавор, во пресрет на претстојниот празник Преображение Христово.
Воедно, тој се осврна и на заплената на патријаршиски имот во близина на Силоамската бања од страна на израелските власти на 15 јуни, како и на, според него, селективната примена на општинскиот данок на недвижности (Арнона) на штета на Црквите.
На крајот, Патријархот Теофил говореше и за своите напори за духовно посредување меѓу Русија и Украина, кои се темелат на мисијата на Црквата да служи за помирување и надминување на поделбите. Тој се помоли дијалогот да придонесе за ублажување на човечкото страдање и да ги доведе двете земји до праведен мир.

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/xronikon/ο-πατριαρχης-θεοφιλος-γ-ζητει-την-υπ/
