Ерусалимскиот Патријарх се сретна со претставници на Естонската Православна Црква и го повтори апелот државата Естонија да не се меша во црковниот живот

На 1 мај 2025 година, Блаженејшиот Патријарх Ерусалимски Теофил ја прими делегацијата на Естонската Православна Христијанска Црква, предводена од нејзиниот поглавар, митрополитот Талински и на цела Естонија, Евгениј. Во составот на делегацијата беа и викарниот епископ на Талинската епархија, епископот Тартуски Даниил, како и свештеникот Виктор Мелник.

Прогонот на Православната Црква во Естонија

Во текот на средбата, Митрополитот Евгениј го запозна Патријархот Теофил со актуелната состојба на Естонската Православна Црква и нејзините проблеми, кои се однесуваат и на Успенскиот ставропигијален женски манастир во Пјухтица. Митрополитот ја отвори темата за правниот статус на Црквата и на нејзиниот поглавар, кој во моментов е спречен да престојува во Естонија поради одбивањето за продолжување на неговата дозвола за престој. Дополнително, се разговараше за имотната состојба на Црквата, мешањето на политичките сили во нејзиниот живот, како и за неоснованите обвинувања дека нејзини претставници потенцијално можат да претставуваат закана за безбедноста на естонската држава.

Патријархот Теофил изрази длабок интерес за животот на Естонската Православна Црква и ја изрази својата загриженост за актуелната состојба. Тој е запознаен со ситуацијата околу неодамна усвоените измени во „Законот за цркви и парохии“, кои ги изгласа Парламентот на Естонија и за кои претходно се изјасни преку официјално соопштение, за што известивме. Во случај на потпишување од страна на Претседателот, овие измени би ги ограничиле правата на Естонската православна христијанска црква и можат да доведат до нејзино затворање.

Митрополитот Евгениј објасни дека законот сè уште не стапил на сила и не е потпишан од Претседателот на Републиката, бидејќи, според неговото мислење, предложените измени се спротивни на три члена од Уставот. Поглаварот на Ерусалимската црква ја поздрави разумната претпазливост на Претседателот во носењето одлуки по толку чувствителни прашања за естонското општество. Тој повтори дека во сите земји од Европската Унија постои јасно раздвојување меѓу државата и Црквата и дека државата не треба да се меша во црковниот живот. Сепак, во Естонија, спротивно на меѓународното право, властите се вмешале во животот на Црквата. Ерусалимскиот Патријарх ги поддржа напорите на Естонската Црква за одбрана на своите законски права пред правните институции на Естонија и Европската Унија.

Апел за страдањата на христијаните во Газа и Палестина, Украина и Сирија

Патријархот Теофил ја истакна тешката положба на православните христијани во Естонија и со особена болка зборуваше за страдањата на христијаните во Газа и Палестина, Украина и Сирија. Тој ги повика сите да не се плашат од искушенијата, бидејќи Црквата во својата историја поминала низ многу испитувања, за кои Господ веќе предупредил. Тој повика на интензивирање на молитвата и увери дека лично ќе дава молитвена поддршка. Како пример ја наведе историјата на Ерусалимската православна црква, која преживеала многу царства и империи што доаѓале и заминувале, но веќе 2000 години го исполнува своето служење.

Ерусалимската Црква – духовна Мајка на сите Цркви

Митрополитот Евгениј го подвлече значењето на Ерусалимската Црква како духовна Мајка на сите Цркви и високиот авторитет на нејзиниот Поглавар во целиот православен свет. Од своја страна, Патријархот подвлече дека Светата Земја е место кое ги привлекува сите верни луѓе и ја нагласи важноста на поклоничките патувања во Ерусалим за зајакнување на верата и духовната сила кај секој христијанин.

На крајот, Митрополитот Евгениј му се заблагодари на Патријархот Теофил за неговата доследна позиција и цврста поддршка што Ерусалимската патријаршија ѝ ја дава на Естонската Православна Христијанска Црква, како и за можноста да отслужи Божествена Литургија на Гробот Господов и да се поклони на светите места. Од своја страна, Поглаварот на Ерусалимската Патријаршија рече дека Митрополитот Евгениј и неговото стадо секогаш се добредојдени гости на Светата Земја.

Извор: https://www.patriarchia.ru/db/text/6208708.html