Ерусалимскиот Патријарх служеше во рускиот манастир во Хеврон

Во средата, на 9/22 октомври 2025 година, Неговото Блаженство Ерусалимскиот Патријарх г.г. Теофил, началствуваше на Божествена литургија во манастирот „Света Троица“ – местото на гостопримството на Авраам кај Мамврискиот даб, во близина на гробовите на патријарсите Авраам, Исак и Јаков. Оваа литургија беше отслужена по повод стогодишнината од основањето на манастирот во 1925 година, кога истиот беше осветен од блаженоупокоениот Патријарх на Ерусалим, Дамијан.

Заедно со Неговото Блаженство сослужуваа и: високопреосвештениот архијереј на Московската патријаршија, митрополитот на Волоколамск г. Антониј; високопреосвештениот митрополит на Капитолијада г. Исихиј; високопреосвештен архиереј на Московската патријаршија г. Алексиј, кој претходно бил игумен на ова свето место; високопреосвештениот архиепископ на Константина г. Аристарх; митрополитот на Акра – Птолемаида, г. Макариј; началникот на Духовната мисија во Ерусалим, архимандритот о. Васијан од Руската Православна Црква; секретарот на Светиот Синод, архимандритот о. Христодул, и многу свештеници од Московската и од Ерусалимската патријаршија, меѓу кои прв беше архимандритот Нектариј, арапските свештеници и ѓакони Евлогиј и Продром, како и многуброен благочестив народ. Меѓу присутните што го почестија настанот беа и амбасадорот на Русија во Израел, г. Анатолиј Викторов и други.

До нив се обрати со слово Неговото Блаженство:

„Му се јави Бог на Авраам кај дабот Мамвриски,
додека тој седеше пред вратата на својот шатор на пладне;
и подигнајќи ги очите свои виде, и ете – три мажи стоеја пред него;
и кога ги виде, потрча од вратата на својот
шатор во пресрет и им се поклони до земја.“ (Бит. 18, 1–2)

Почитуван архимандрите Васијан, претставнику на Неговото Блаженство, Патријархот на Москва и на сета Рус, г. Кирил, во Ерусалим,

Преосвештен митрополите на Волоколамск, г. Антониј,
Возљубени браќа во Христа,
Побожни христијани,

Благодатта на Светиот Троичен Бог нè собра сите нас на ова свето место, близу до дабот Мамвриски, каде Господ Бог му се јави на патријархот Авраам, за да ја прославиме во божествена евхаристиска заедница стогодишнината на овој свет храм, посветен на Светите Праотци. Тој храм беше изграден врз урнатините на древниот Константинов храм од блажениот архимандрит Леонид Сентсов, началник на Руската духовна мисија во Ерусалим, и беше осветен од нашиот претходник, блаженоупокоениот Патријарх на Ерусалим, господин Дамјан, во 1925 година.

Ова свето место има особено значење не само за христијаните, туку и за сите народи и племиња, според светиот апостол Павле, кој повикувајќи се на непогрешливото сведоштво на Светото Писмо, вели: „Писмото, предвидувајќи дека Бог ќе ги оправда народите преку верата, му го проповеда благовестието на Авраам, велејќи: ‘Во тебе ќе бидат благословени сите народи.’“ (сп. Гал. 3, 8 и Бит. 12, 3)

Забележително е дека светоста на ова место, односно божественото јавување во него, го поттикнало побожниот ревносен цар Константин Велики, кој во писмо до „Макариј и останатите епископи на Палестина“ заповедал: „Наредивме тоа место да се украси со чисто царско здание… зашто не сте незнајни дека токму таму првпат се јави на Авраам Господ Бог, Владетелот на сè, и разговараше со него. Таму првпат религијата на светиот Закон го доби својот почеток; таму првпат Самиот Спасител, заедно со двајцата ангели, ја дарува Својата појава на Авраам; таму Бог првпат почна да им се јавува на луѓето; таму му го најави на Авраам идното потомство и веднаш го исполни ветувањето; таму најави дека ќе биде татко на многу народи. Со оглед на сето ова, сметам дека е достојно, по наша грижа, тоа место да се чува чисто од секое осквернување и да му се врати неговата древна светост.“

Навистина чудесен е фактот дека ова место и простор, каде што стоиме, „е чист од секаква нечистотија, т.е. од демонски идоли“, и ја зачувува својата древна светост преку грижата и соработката на нашата сестринска Православна Руска Црква во Ерусалим. И велиме „со соработка“, слушајќи го гласот на светиот апостол Павле кој заповеда: „Така се трудам да го проповедам Евангелието, не таму каде што Христос веќе е проповедан, за да не градиме врз туѓ темел“ (Рим. 15, 20). Но не помалку, „ние сме Божји соработници“ (1 Кор. 3, 9), проповедајќи го Евангелието на спасението и „стремејќи се да го запазиме единството на Духот во врската на мирот“ (Ефес. 4, 3). Мирот Божји, кој го надминува секој ум (сп. Фил. 4, 7), и Неговата љубов претставуваат врска на совршенството на телото на Црквата, „во која Светиот Дух постави пастири да ја пасат“ (Дела 20, 28). Затоа сме повикани „да ги спомнуваме нашите старешини, кои ни го зборуваа словото Божјо, и набљудувајќи го исходот на нивниот живот, да ја подражаваме нивната вера“ (сп. Евр. 13, 7).

Да размислиме, возљубени браќа во Христа, за нивниот христијански живот до крај, подражавајќи ја нивната вера, бидејќи тие наши старешини – учители и апостоли – „верувајќи во идните нешта, постигнаа најдобар начин на живеење“, како што вели свети Јован Златоуст.

Токму овој најдобар начин на живот го постигна преку верата патријархот Авраам, пристигнувајќи на ова свето место, според божествениот апостол Павле, кој вели: „Со вера Авраам послуша кога беше повикан да излезе на место кое требаше да го наследи, и излезе не знаејќи каде оди“ (Евр. 11, 8). Значењето на овој настан е истакнато и во Светото Писмо, кога самиот Авраам вели: „Јас сум пришелец и туѓинец меѓу вас“ (Бит. 23, 4). Ова свето место сведочи за нераскинливата врска со светата историја – историјата на спасението во Христа. Со други зборови, ова место е светилиштето на нашата вера, бидејќи воплотениот Бог Логос, Христос, е пред сè „потомок на Авраам“ (сп. Гал. 3, 16), а следствено, сите што припаѓаат на Христос и на Неговото тело – Црквата, се исто така потомци на Авраам.

„Ако сте Христови, тогаш сте потомство Авраамово и според ветувањето наследници,“ проповеда апостол Павле (Гал. 3, 29). Ние, возљубени браќа, „запечатени со Духот на ветувањето“ (сп. Еф. 1, 13), од една страна сме должни „да се љубиме еден со друг“ (1Јн. 4, 11), а од друга – да го чуваме заветот на Светите Места, кои претставуваат точка на обединување на сите христијани низ вселената и гаранција на единството на Светите Православни сестрински Цркви. Затоа Господ вели: „Ако некој сака да биде прв, нека биде слуга на сите“ (Мк. 9, 35).

Многу години благословени и мирни! Амин.

По Божествената литургија следеше литија до Мамврискиот даб, каде патријархот Авраам, излегувајќи од својот шатор, ги прими тројцата ангели во гостопримство, и таму беше вознесена молитва.

Потоа следеше посета на игуменијата и краток прием, на кој присуствуваа и градоначалникот на Хеврон, претставник на претседателот на Палестинската управа Махмуд Абас, и други негови претставници.

На крајот, началникот на Руската духовна мисија, архимандритот о. Васијан, приреди богата трпеза, на која Неговото Блаженство повторно се обрати, овојпат на англиски, со следните зборови:

Ваши Еминенции, Ваша Преосвештенства, чесни отци, сестри и браќа во Христа,

„Господ му се јави на Авраам кај дабот Мамвриски,
додека тој седеше пред влезот на својот шатор во жештината на денот.
Ги подигна очите и виде тројца мажи што стоеја близу него;
и кога ги виде, потрча од влезот на шаторот
за да ги пресретне и се поклони до земја.“
(Бит. 18, 1–2)

Така читаме во Библијата, и денес, по Божја промисла, имавме благослов да се собереме овде за да го прославиме стогодишниот јубилеј на овој храм и манастир, изграден на местото на претходниот Константинов храм од блажениот архимандрит Антонин, на местото на Гостопримството на Авраам – големата претслика во Стариот Завет на Света Троица. Како што вели свети апостол Павле, „Писмото, предвидувајќи дека Бог ќе ги оправда незнабошците преку вера, му го објави Евангелието на Авраам, велејќи: ‘Во тебе ќе бидат благословени сите народи’“ (Гал. 3, 8).

Му благодариме на Семоќниот Бог што нè повика да бидеме чувари и служители на Светите Места – живи сведоци на нашата света историја, историјата на богочовечкото средба во оваа Света Земја. Ова свето место, особено, нè потсетува дека нашиот праотец Авраам не бил само симболична фигура, туку реална историска личност – татко на сите народи. Како што читаме во Библијата: Бог му рече на Авраам: „Во тебе ќе бидат благословени сите племиња на земјата“ (Бит. 12:3).

Затоа, ние споделуваме заедничка човечност и имаме способност да живееме заедно во мирно соживување како Божјо семејство. Вдахновени сме од средбата помеѓу Бога и човекот што се случи овде, која нè уверува дека мирното соживување меѓу Божјите чеда е возможно, и дека оваа земја може да биде споделена од сите што ја нарекуваат Света Земја свој дом. Иако не секогаш го знаеме патот кон иднината, ние се доверуваме на верниот Бог, како што тоа го направи Авраам: „Со вера Авраам послуша кога беше повикан да тргне кон место што ќе го наследи, и тргна, не знаејќи каде оди“ (Евр. 11, 8).

Но таа иднина е можна, и никогаш не смееме да ја изгубиме надежта. Како што нè потсетува свети Павле: „Нашата надеж за вас е непоколеблива, бидејќи знаеме дека, како што учествувате во нашите страдања, така ќе учествувате и во нашата утеха“ (2 Кор. 1, 7).

Затоа, да ги подигнеме чашите и да наздравиме за мисијата на ова свето место – како повик до сите луѓе на верата и на добра волја да најдат сила и решителност да живеат со надеж како чеда на нашиот заеднички праотец Авраам и како Божји чеда.

Многу години!“

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/leitourgiki-zoi/ο-πατριαρχησ-ιεροσολυμων-λειτουργει-5/