Ерусалимскиот патријарх Теофил со порака до Трамп: „Блажени се миротворците“

Патријархот Ерусалимски Теофил III, во ексклузивно интервју за „Брајтбарт њуз“ изјави дека планира да отпатува на средби со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Владимир Зеленски, со цел да помогне во изнаоѓањето начин за постигнување мир во Украина. Војната, како што истакна, ја раскина и Православната црква.

Ерусалимскиот патријарх како миротворец

Теофил претходно се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, каде што му го врачи Големиот крст на Орденот на Светиот Гроб, како што известивме. Патријархот тогаш ја напушти Белата куќа со согласност од Трамп да помогне како посредник во напорите за завршување на војната во Украина.

Во интервјуто, дадено преку писмени одговори на прашања испратени до него во храмот на Светиот Гроб во Ерусалим, патријархот истакна дека Ерусалимската Патријаршија има „уникатна положба во христијанскиот свет“. „Црквата првпат се откри тука“, изјави Патријархот.

„Патријаршијата е призната низ целиот свет како ‘Мајка Црква’, како и Црква на Светата Земја — Црква која служи на местата каде што се случиле настаните за спасение на човечкиот род. Затоа, мисијата на Ерусалимската патријаршија не е ограничена на специфична црква или единствено на грижата за одредени свети места. Одговорноста на оваа Црква е далеку поширока од тоа. Ерусалимската патријаршија е референтна точка за единство, дијалог и мирен соживот меѓу народите. Ова го живееме секој ден во Светата Земја и се стремиме да ги поддржиме оние во регионите во светот зафатени од раздор и конфликт. Службата на помирување, како дома така и глобално, е нашиот најголем предизвик и нашата најголема одговорност денес.“

Патријархот рече дека и неговата лична улога е „уникатна“ и дека, со поддршката на Трамп за неговите посреднички напори, верува оти може да помогне во воспоставувањето мир во Украина, служејќи како „миротворец“.

„Како патријарх, имам единствена улога. Мојот повик пред сè е да Му служам на Бога, а исто така морам да се грижам за своето паство – како за локалното население, така и за поклониците. Патријархот ерусалимски е и миротворец“, изјави Теофил III.

Тој додаде дека верските лидери ширум светот поседуваат духовен и морален авторитет да зборуваат во услови на конфликти и да придонесуваат за мир. Според него, нивната задача е да ги слушаат луѓето и да им дадат глас на оние што страдаат.

Русија и Украина

Теофил III изрази благодарност за поддршката од грчката држава и од Цариградскиот патријарх Вартоломеј, нагласувајќи дека Ерусалимската Патријаршија е посветена на духовната мисија на помирување меѓу народите на Украина и Русија. Тој ја поврза својата мисија со зборовите на Франциско Асишки: „Господи, направи ме орудие на Твојот мир“.

Теофил III соопшти дека работи на организирање средби со Путин и Зеленски, со кои сака да воспостави „конструктивен дијалог“ во насока на постигнување мир.

„Во тој дух работиме на средба со претседателот Путин и претседателот Зеленски како дел од овие напори“, рече тој. За Путин истакна дека е верен и активен член на Православната црква, додека Зеленски го опиша како духовно рефлексивен и верен човек. Според него, двајцата претседатели носат големи одговорности и треба да се отворат каналите за комуникација и конструктивен дијалог.

Патријархот оцени дека е „неверојатно болно“ тоа што две претежно православни земји – Украина и Русија – војуваат една против друга и дека Црквата страда поради оваа војна.

„Повикани сме да живееме во хармонија едни со други и жалиме поради секое неединство меѓу православните цркви“, рече Теофил III, повикувајќи се на зборовите на апостол Павле дека ако страда еден член, со него страдаат сите. Тој нагласи дека помесните Православни Цркви мора да бидат свесни за своето суштинско единство и сериозно да работат на обновување на односите кога ќе дојде до несогласувања.

На прашањето што е потребно за да се постигне мир во Украина, патријархот одговори дека лидерите треба „да почнат од основите“.

„Како Црква, мораме да работиме на исцелување на раните во Православната црква, за повторно да ги зацврстиме нашите братски врски. Како држави, мојата молитва е Русија и Украина да најдат начин да влезат во дијалог, насочен не само кон прекин на непријателствата, туку и кон благосостојбата на Украинците и Русите“, рече Теофил III.

Тој потсети дека уште во 2023 година, за време на официјалната посета на Ватикан и средбата со покојниот папа Франциск, се обврзал себеси и Ерусалимската Патријаршија да им помогнат на сите страни на патот кон помирувањето.

„Ова е нашата духовна мисија. Постои еден збор што сакам да го нагласам, а тоа е патување. Не верувам дека помирувањето и мирот можат да се случат преку ноќ, но мора да го започнеме процесот“, рече тој. Според него, оние што се на власт мора активно да се слушаат едни со други, но истовремено мора да ги слушаат и семејствата, децата и заедниците што страдаат.

Иран и Блискиот Исток: Газа, Либан, земјите од Заливот

Теофил III изрази надеж и за постигнување мир во Иран и на поширокиот Близок Исток.

„Во Ерусалим сме уморни од војна“, рече тој, додавајќи дека црквите во Газа штотуку започнале да ги обновуваат своите животи кога повторно над нив почнале да летаат ирански ракети и проектили од израелскиот систем „Железна купола“. Тој потсети и на заедничката изјава на патријарсите и поглаварите на црквите на Светата Земја, во која конфликтот беше опишан како „немилосрден циклус на смрт, уништување и страшно страдање“.

Тој повика на продолжување на молитвите и напорите за прекин на крвопролевањето и за воспоставување правда и мир на Блискиот Исток – од Ерусалим и Газа, преку Либан и Светата Земја, до земјите од Заливот и Техеран и до сите краишта на светот.

Теофил III оцени дека Трамп може да има исклучително важна улога во воспоставувањето мир во Украина, Иран и пошироко во светот. Според него, православните лидери во американскиот претседател гледаат „заштитник на христијаните“ ширум светот.

„Претседателот Трамп е еден од најмоќните лидери во светот. Тој нема магично стапче со кое може да донесе мир, но неговата функција, влијание, авторитет и тежина го прават витална и централна фигура во воспоставувањето мир“, рече патријархот.

Како порака до Трамп, Теофил III ги упати Христовите зборови: „Блажени се миротворците“.

Извор: https://www.breitbart.com/politics/2026/08/30/exclusive-orthodox-church-patriarch-theophilos-iii-message-to-trump-as-he-seeks-to-help-end-ukraine-war-blessed-are-the-peacemakers/