Естонија ја разгледува можноста за одземање на црквата „Александар Невски“

Иднината на познатата катедрала „Св. Александар Невски“ во Талин повторно стана предмет на политичка расправа, откако естонскиот министер за внатрешни работи Игор Таро повика да биде прекинат договорот за закуп со Естонската христијанска Православна Црква, која е во рамките на Московската патријаршија.

Таро изјави дека градот Талин, кој е сопственик на објектот, треба предвреме да го раскине договорот за закуп, оценувајќи дека нема потреба од национализација, туку само од прекин на финансискиот тек кон „московската организација“. Катедралата „Александар Невски“ ѝ е дадена под закуп на Естонската Православна Црква во 2001 година со одлука на градскиот совет на Талин.

Заменик-градоначалникот на Талин, Тиит Терик, сепак, изјави дека во моментов нема правна основа за раскинување на договорот, бидејќи ниту една страна не ги прекршила неговите услови. „Ако постапуваме како правна држава и ги почитуваме договорите, тогаш во моментов немаме правна основа за прекин на закупот“, рече Терик.

Во јавноста се појавија и предлози црквата да биде претворена во музеј или културен простор. Историчарот на архитектура Оливер Орро предупреди дека уривањето или преместувањето би било неразумно, бидејќи станува збор за масивна историска камена градба со вредни мозаици и уметнички дела. Според него, можно решение би било храмот да добие поширока естонска културна функција – на пример како место за изложби, концерти или дури државни свечености.

Ова следува откако Министерството за внатрешни работи на Естонија ѝ даде рок од шест месеци на Естонската христијанска Православна Црква да назначи нов претстоител и да ги прекине врските со Рускиот патријархот Кирил и се закани со „присилно распуштање“ на Црквата, доколку тоа не биде направено, за што известивме.

Извор: https://news.err.ee/1610088106/tallinn-s-nevsky-cathedral-may-be-sold-demolished-or-made-into-a-museum