Естонија се заканува со „присилно распуштање“ на Естонската Православната Црква

Министерството за внатрешни работи на Естонија ѝ даде рок од шест месеци на Естонската христијанска Православна Црква да назначи нов претстоител и да ги прекине врските со Рускиот патријархот Кирил.

На 27 јуни 2026 година конечно стапија во сила измените на Законот за црквите и верските заедници, со кои се забранува верските организации во Естонија да бидат поврзани со верски водач што се наоѓа во странска држава која претставува закана за националната безбедност на Естонија.

Генералниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Тармо Милиц, испрати писмо до сите верски заедници, известувајќи ги дека имаат шест месеци, односно до 28 декември, да го усогласат своето работење со новите законски барања. Во спротивно, министерот за внатрешни работи може да покрене постапка за нивно присилно распуштање.

Иако писмото е испратено до сите верски организации, најголемо внимание привлекува прашањето што ќе се случи со Естонската христијанска Православна Црква, која е поврзана со Московската патријаршија и порано беше позната како Естонска Православна Црква – Московска Патријаршија.

Викарниот епископот Тартуски Даниел, викар на Талинската епархија на Естонската Православна Црква, одговори кусо, во писмена форма, наведувајќи дека во следните шест месеци Црквата ќе настојува да добие појасна слика за начинот на кој ќе се применува новиот закон, по што ќе одлучи како ќе го организира својот црковен живот.

Советникот во Министерството за внатрешни работи, Илмо Ау, изјави дека Црквата најнапред мора да назначи нов претстоител, бидејќи ниту еден свештеник или член на управниот одбор не смее да биде лице на кое во последните десет години не му била продолжена дозволата за престој поради причини поврзани со националната безбедност. Поглаварот на Црквата, митрополитот Евгениј, беше принуден да ја напушти Естонија на почетокот на 2024 година, откако Естонската служба за внатрешна безбедност оцени дека неговите активности претставуваат закана за националната безбедност.

„Според одредбите од законот што веќе стапија во сила, тој повеќе не смее да служи како свештеник. И да, во следните шест месеци мора да биде отстранет и од управниот одбор“, изјави Ау. Уште потешка задача за Православната црква, според него, ќе биде отстранувањето на сите упатувања на Московската патријаршија од нејзините основни документи. Ау смета дека прекинувањето на тие врски ќе биде емотивно тешко, но не и невозможно.

Универзитетски професор: Неизвесно е дали врските со Москва можат целосно да се прекинат

Вонредниот професор по црковна историја на Универзитетот во Тарту, Приит Рохтметс, смета дека Естонската христијанска Православна Црква најверојатно ќе се обиде да го намали влијанието на Московската патријаршија во својот устав, но дека останува неизвесно дали тоа ќе може целосно да го направи.

„Мислам дека во следните шест месеци ќе видиме дали Црквата е подготвена да го започне тој процес и дали воопшто гледа начин да го спроведе, или ќе заклучи дека нема иднина во Естонија бидејќи сите одлуки мора да доаѓаат од Москва, како што тврдеше досега“, рече тој.

Ситуацијата дополнително ја усложнува фактот што, покрај својот устав, Естонската Православна Црква се раководи и според томосот за автономија издаден во 1993 година од патријархот Алексиј II. Томосот, практично, претставува основачки документ на Црквата. Во него се утврдени нејзините самостојни права и местото што го зазема во хиерархијата на Московската патријаршија.

Токму томосот предвидува дека одлуките на највисокиот орган на управување – Генералното собрание – мора да бидат одобрени од патријархот. Исто така, во него е пропишано дека поглаварот на Естонската црква, митрополитот, го предлага и го потврдува Московскиот патријарх.

Рохтметс смета дека Црквата можеби ќе може да ги избрише одредбите за својата потчинетост кон Московската патријаршија од уставот, но дека тешко ќе се откаже од томосот како свој основачки документ. „Моето предвидување е дека Естонската христијанска православна црква најверојатно ќе направи одредени измени во својот устав, а истовремено ќе се обиде да го задржи томосот како темел на своето црковно уредување“, изјави Рохтметс.

На повидок нова судска битка

Според Рохтметс, целиот процес неизбежно ќе доведе до нови судски спорови оваа зима, при што судовите ќе треба да утврдат дали Црквата во Естонија навистина ги прекинала врските со Руската Православна Црква. Со други зборови, судот ќе треба да оцени дали постојат основи за нејзино присилно распуштање.

Тој потсети дека во Украина истото прашање веќе повеќе од една година е предмет на судски постапки.

„Украинската православна црква исто така го промени своето име и направи слични измени во својот устав, какви што сега се очекуваат и од Естонската христијанска Православна Црква. Но истиот томос остана во сила“, рече Рохтметс.

Во Украина сега исто така се расправа дали навистина се прекинати врските со Москва доколку истиот основачки документ продолжува да важи.

„Државниот орган надлежен за ова прашање го достави случајот до судовите за да се утврди дали сè уште постои врска меѓу Руската Православна Црква и локалната Украинска православна црква, која е потчинета на Москва“, додаде тој.

Не е потребна дозвола од Москва

Посебно прашање е дали, дури и ако Естонската христијанска Православна Црква сака да ги прекине врските со Москва, Московската патријаршија би се согласила на тоа. Според Рохтметс, тоа е малку веројатно.

„Најверојатно Руската Православна Црква нема да биде подготвена да ја пушти Естонската христијанска Православна Црква. Дури и ако од гледна точка на Црквата во Естонија таквиот чекор би бил оправдан и основан, Москва веројатно има интерес да ја зачува постојната црковна структура, а со тоа и своето влијание врз Црквата во Естонија“, изјави тој.

Сепак, според Законот за црквите и верските заедници, Црквата повеќе нема правни пречки да ги прекине врските со Москва, бидејќи веќе не е обврзана да бара согласност од неа.

„На Црквата повеќе не ѝ е потребно учество на странско лице или странски управен орган за да донесе таква одлука. Таа може самостојно да одлучува и повеќе не мора да бара дозвола од Москва“, објасни советникот од Министерството за внатрешни работи.

Извор: https://news.err.ee/1610071837/estonia-gives-orthodox-church-6-months-to-choose-between-god-and-the-kremlin