Естонска православна црква: државата нема право да одлучува за канонски прашања

Епископ Даниил Тартуски

Веќе во неколку наврати известувавме дека Естонските власти вршат притисок врз Естонската православна црква да ја напушти јурисдикцијата на Руската православна црква, и да премине под јурисдикција на Цариградската патријаршија, така што ќе се обедини со „Естонската апостолска црква“ која е автономна Црква во рамките на Цариградската патријаршија. Во врска со овој прогон пренесовме и реакции со апел кон Естонската држава да го прекине прогонот врз Естонската православна црква.

Естонската православна црква се согласи да се дистанцира од Руската православна црква и да направи соодветни измени во својот устав.

Но, Министерството за внатрешни работи на Естонија ги смета за недоволни направените измени и изразува несогласување со тоа што новото име на Естонската православна црква при Московската патријаршија би било „Естонска православна црква“. Според оценката на канцеларот на Министерството за внатрешни работи, Тармо Миилиц, изложена во писмото упатено до епископот Даниил, промената на името на Црквата и отстранувањето на референците кон Московската патријаршија, Руската православна црква и Рускиот Патријарх од нејзиниот устав е недоволна промена. „Фактичкото влијание на Московската патријаршија останува исто и во административна и во канонска смисла,“ напиша Миилиц.

Естонската држава сега бара дополнителни измени во уставот на Естонската православна црква. Миилиц му предложил на раководството на Црквата повторно да го разгледа уставот на Црквата во светло на забелешките, со цел целосно да се исклучи влијанието на Руската православна црква врз управувањето на локалната црква и нејзините активности.

Покрај тоа, министерството го отфрла предлогот Црквата го носи името „Естонска православна црква“, сметајќи дека тоа име не е во согласност со Законот за цркви и дека недоволно се разликува од веќе регистрираната „Естонска апостолска православна црква“, како и дека „создава  погрешен впечаток дека таа Црква наводно ги опфаќа сите православни верници во Естонија.“

Естонската православна црква подготвува свој одговор на најновите забелешки од државата.

„Многу од овие прашања се поврзани со историското разбирање. Така што ќе составиме детален одговор “, изјави епископот Даниил Тартуски, викар на Талинската епархија,  во интервју за „Актуална камера“.

Тој вели дека во дискусијата со Естонската православна црква, Естонската држава делумно се потпира на законодавството, а делумно и на црковните канони.

„Држава не треба да дава наредби за тоа што е канонски исправно. Световната држава нема такви овластувања“, истакна Епископот Даниил.

Според него Црквата не може да направи таков чекор како што бара Министерството за внатрешни работи, бидејќи, како што објасни тој, тоа би било канонски престап.

Извор: https://rus.err.ee/1609482517/episkop-daniil-u-svetskogo-gosudarstva-net-polnomochij-govorit-chto-kanonicheski-verno