Епископ Даниил Тартуски
Предлог-законот за изменување на Законот за цркви и парохии, кој беше одобрен од Естонската влада на 23 јануари 2025 година, директно влијае на слободата на дејноста и правата на религиозните организации во Естонија – објавува интернет страницата на Естонската православна црква при Московската Патријаршија во своето прес-соопштение од 24 јануари годинава. „Предлог-законот што го одобри Владата ја нарушува слободата на вероисповед и е насочен конкретно против нашата Црква, што повеќепати беше потенцирано од Министерот за внатрешни работи при подготовката на законот. Иако Владата ги оправдува измените во законодавството со безбедносната ситуација, ова е директно мешање во слободата на вероисповед, што може суштински да ги ограничи активностите на нашата Црква во Естонија“ – рече викарниот Епископот Даниил Татруски.
Ако предлог-законот биде усвоен, правните лица на Црквата може да се соочат со присилна ликвидација, бидејќи ќе биде невозможно да се исполнат предвидените услови во утврдениот временски рок. „Планираните ограничувања го засегаат канонското право, а исполнувањето на барањата може да се покаже невозможно од причини не зависат од нашата Црква и од нејзините парохии. Присилниот, канонски незаконски прекин на врските со својата Патријаршија и преминот во друга Патријаршија е мешање во внатрешниот живот на религиозните здруженија“ – објасни епископот Даниил.
Црквата веќе презеде превентивни чекори за решавање на ситуацијата. На последната седница на Црковниот собор беше донесена одлука за промена на името на Црквата. „Поднесовме барање за регистрација на ново име: Естонска христијанска православна црква. Овој чекор дополнително го нагласува локалниот идентитет на Црквата и покажува дека постапуваме во согласност со законите на Република Естонија, притоа почитувајќи ги црковните канони“ – додаде епископот.
Естонската православна црква продолжува активно да работи за разрешување на настанатата ситуација, меѓу другото и со ангажирање на искусни адвокати кои помагаат да се најдат правни и канонски решенија. Активно се бараат разумни компромиси кои ги земаат предвид интересите на сите страни, притоа зачувувајќи ги основните вредности на религиозната организација. Заштитата на правата на членовите на парохиите се смета за приоритет, врз основа на законите на Република Естонија и на меѓународното право. За постигнување на балансирано решение на ситуацијата, продолжува блиската соработка со членовите на Црковниот собор.
Извештајот на Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите Нации за ситуацијата со човековите права во Украина, исто така, нагласува дека ограничувањата на слободата на вероисповед мора да имаат легитимна цел, а државната безбедност не е прифатлива основа за ограничување на слободата на вероисповед според меѓународното право и законодавството на Европската Унија. Од извештајот следува дека слободата на вероисповед има повисок приоритет од другите права, а државата при воведувањето на ограничувања има обврска јасно да покаже дека тие ограничувања се неопходни и пропорционални и дека целта не може да се постигне со помалку рестриктивни мерки.
„Црквата секогаш настојуваше да се вклучи во конструктивен дијалог со државните институции за изнаоѓање решенија кои ќе ја зачуваат слободата на вероисповед и ќе ги обезбедат правата на верниците во рамките на законодавството на Република Естонија и на меѓународното право. На првиот состанок во Министерството за внатрешни работи ни беше ветена можност за решавање на проблемот по канонски пат, за што е потребно повеќе време. Се надеваме дека ова ветување ќе остане на сила“ – истакна владиката Даниил.
