Естонската Црква на Цариград ја поддржува забраната за Естонската Православна Црква на Московската Патријаршија

Во ново соопштение од Одделот за односи со јавноста, Естонската Апостолска Православна Црква на Цариградската Патријаршија изрази поддршка за државната забрана на поголемата Естонска Православна Црква на Московската Патријаршија, нарекувајќи го тоа чекор кон „зајакнување на националната безбедност“. Соопштението е насловено: „Естонија е на патот кон обединета Православна Црква“.

Во соопштението Естонската апостолска Православна Црква при Цариградската Патријаршија дава апологија на донесувањето на спорниот закон:

„Предлог-законот за изменување на Законот за верски заедници и парохии, инициран од Министерството за внатрешни работи на Република Естонија, кој во моментов се разгледува во Парламентот на Естонија, не е насочен кон ограничување на верската слобода, туку кон зајакнување на државната безбедност.“

[…]

„Естонската држава има обврска да го заштити населението на Естонија од влијанието на терористичкиот режим. Парламентот на Естонија на 6 мај 2024 година ја прогласи Московската патријаршија за организација што поддржува воена агресија. Поради безбедносни причини, Полицијата и Граничната стража одбија да го продолжат привремениот престој на митрополитот Евгениј од Естонската епархија на Московската патријаршија во февруари годинава, поради што митрополитот беше принуден да ја напушти Естонија. Последниве три години, на овој безбедносен ризик постојано укажуваат и Естонската надворешно-разузнавачка служба и Службата за државна безбедност во нивните годишни извештаи.“

[…]

„Во моментов, Парламентот на Естонија го разгледува предлог-законот за изменување на Законот за верски заедници и парохии. Со стапување на сила на законот, ќе се забрани дејствувањето на верските организации кои се водат од лице или здружение од странска држава со значително влијание, доколку тоа претставува закана за безбедноста на државата Естонија, уставниот поредок или јавниот ред, ако поддржува воена агресија или повикува на војна, терористички кривични дела или на друго незаконско користење на вооружена сила или насилство. Во конкретниот случај, тоа се однесува на Естонската епархија на Московската патријаршија, Пјухтицкиот манастир и парохијата ’Св. Александар Невски’ во Талин, кои канонски се потчинети на Московскиот патријарх.“

Од своја страна, прогонетата Естонска Православна Црква нагласува дека е административно независна и повеќепати јавно се огради од војната и концептот за „Рускиот Свет“, но властите сè уште ја третираат како „агресор“, користејќи го тоа како основа за да ја принудат да премине под Цариград или целосно да биде забранета.

Естонската Православна Црква поднесе жалба за ова обвинување за агресија, но судовите одбија да ги разгледаат нивните аргументи. Црквата, исто така, согласно државните барања, ги измени своите статути и двапати го смени правното име за да покаже поголема независност од Московската Патријаршија, но властите одбија да го регистрираат новиот статут и името.

Извор: https://www.eoc.ee/uudised-teated/eesti-on-teel-uhtse-oigeusukiriku-poole/ преку: https://orthochristian.com/168226.html