Естонската православна црква го смени своето име под притисок на државните власти

На 10 јануари 2025 година, во храмот на иконата на Пресвета Богородица „Брзопослушничка“ во Талин, се одржа третата сесија на Соборот на Естонската Православна Црква при Московската Патријаршија. 

Во работата на Соборот учествуваа претставници на свештенството и мирјаните од Талинската и Нарвската епархија, целото свештенство (епископи, свештеници и ѓакони, освен оние што се пензионирани или суспендирани), членовите на Синодот од редот на мирјаните, како и по еден избран претставник од секоја парохија. 

На почетокот на заседанието беше отпеана „Вечнаја памјат“ за поранешниот претседател на Естонија, Арнолд Рујтел, кој беше православен по крштение. Тој ја извршуваше функцијата претседател на државата од 2001 до 2006 година и почина на 31 декември 2024 година, на 96-годишна возраст. 

Главната точка на дневниот ред на третата сесија на Соборот беше исправката на недостатоците во редакцијата на Уставот на Естонската Православна Црква, кој беше усвоен на Соборот на 20 август 2024 година. Овие недостатоци беа посочени во одлуката на регистрациониот оддел на Окружниот суд во Тарту. Конкретно, судот бараше да се избере друго име наместо „Естонска Православна Црква“, како и да се направат неколку дополнителни прецизирања во текстот на Уставот. 

Дополнително, регистрациониот оддел на судот ја оспори законитоста на одлуките донесени на втората сесија на Соборот, со образложение дека претседателот на Соборот, Митрополитот Талински и на цела Естонија, Евгениј, нема важечка дозвола за престој во Естонија. 

По разгледувањето на ова прашање, на Соборот беше предложено компромисно решение: 

– Да се усогласат измените со барањата на регистрациониот оддел на судот, односно да се избере ново име за Црквата и да се направат потребните корекции во текстот на Уставот. 

– Во однос на сомнежите за законитоста на одлуките донесени на 20 август, да се истакне дека позицијата на регистрациониот оддел на судот е погрешна. Митрополитот Евгениј е законски избран на Соборот и е регистриран во државниот регистар на непрофитни организации и фондации како член на управниот орган (Синодот) на Црквата. Според Законот за цркви и парохии, најмалку половина од членовите на управниот орган на верска заедница не мора да бидат резиденти на Естонија. Затоа, независно од евентуалниот спор за правниот статус на митрополитот Евгениј како свештенослужител, тој има целосно законско право да продолжи да ја извршува функцијата поглавар на Црквата и член на нејзиниот управен орган (Синодот). Оттука, сите одлуки донесени на сесијата на 20 август 2024 година се законски. 

Со мнозинство гласови, компромисното решение беше усвоено, а како ново име на Црквата беше избрано „Естонска Христијанска Православна Црква“.

На 16 јануари 2025 година, ревидираниот Устав и сите потребни документи беа поднесени електронски до регистрациониот оддел на Окружниот суд во Тарту за ажурирање во регистарот.

Извор: https://ru.orthodox.ee/news/v-tallinne-sostoyalas-tretya-sessiya-sobora-epcz-mp/