Естонската православна црква на Московската патријаршија (ЕПЦ МП) и ставропигијалниот манастир Успение на Пресвета Богородица (Пјухтицки манастир) поднесоа одделни жалби до Административниот суд во Талин, за да бидат отстранети противправните последици кои се предизвикани од декларацијата на Естонскиот парламент (Ријгикогу) од 6 мај 2024 година со која „се прогласува Московската патријаршија за институција која ја поддржува воената агресија на Руската федерација“, и за исклучување на Црквата и манастирот од листата на поддржувачи на воената агресија.
Ова го објави во соопштение за јавноста правниот застапник на Естонската православна црква, адвокатското биро „Сирел и партнерите“.
Во соопштението се вели:
„Жалбите до административниот суд се поради несогласувањето со декларацијата на Естонскиот парламент во делот каде Естонската православна црква и Пјухтицкиот манастир се поставени во иста линија со поддржувачите на воената агресија на Руската Федерација. Естонскиот парламент очигледно отиде предалеку со таквата изјава, со оглед на тоа дека Руската православна црква е мултимилионска и мултиетничка заедница на свештенство и народ, чија канонска структура вклучува и независни Цркви и манастири, вклучително и Естонската православна црква и Пјухтицкиот манастир.
Со своите ставови и изјави, подносителите на жалбата изразија јасен став против војната во Украина. Црквата и манастирот се воздржуваат од поврзување со световниот живот и политиката и не водат непријателска пропаганда, што беше признато и при читањето на декларацијата на Естонскиот парламент. Антидржавните ставови и дејства не наидуваат на одобрување и поддршка во секојдневните религиозни служби.
Во ситуација кога Естонскиот парламент не ги сослушал претставниците на Црквата и на манастирот пред да ја донесе декларацијата, правото да бидат сослушани подносителите на жалбата беше нарушено со неоправдана избрзаност и со обраќање што ги повредува правата. За земја која ја почитува правната и религиозната слобода, не може да се смета како прифатлива ситуацијата во која, поради селективно разгледување на околностите, изготвувањето и донесувањето на декларацијата доведоа до нарушување на правата на подносителите.
’Во овој исклучителен, но многу важен спор, не настојуваме да ја ревидираме актуелната геополитичка ситуација. Сметаме дека е неопходно да се обратиме до правосудството, за проценување на заканата и повредата на угледот, како и на доброто име на мирните религиозни организации кои се регистрирани во нашата држава и работат според законите на нашата држава. Конечно, нашата цел мора да се совпаѓа со целта и обврската на државата – да го отфрла недозволеното и неодговорно мешање во остварувањето на слободата на вероисповед. Очекуваме целосна одговорност од Естонскиот парламент во однос на изјавите дадени против поединци, анализа на последиците, јасна и обмислена комуникација, избегнување на навредлив тон и непријателски изрази. Подносителите не можат да се согласат со конечниот заклучок од декларацијата на Естонскиот парламент, според кој, тие, заради околности кои се надвор од нивна контрола, се наоѓаат во улога на поддржувачи на воена агресија и се принудени да трпат мерки на притисок што следат по лажното толкување’ – објаснуваат претставниците на подносителите на жалбата, адвокатите Артур Књазев и Стивен-Христо Евестус од адвокатското биро ’Сирел и партнерите’.
На 6 мај 2024 г. Естонскиот парламент ја прогласи Московската патријаршија за институција која ја поддржува воената агресија на Руската федерација. Во својата декларација парламентот нагласи дека, прогласувањето на Московската патријаршија за институција која ја поддржува воената агресија на Руската федерација се однесува на Московската патријаршија како институција и раководно тело, а не на луѓето кои ги запазуваат православните традиции. Сепак, Парламентот појасни дека, според уставот на Руската православна црква, Московската патријаршија или Руската православна црква, исто така, вклучува независни Цркви и манастири, заради што, за жал, Естонската православна црква и Пјухтицкиот манастир се непосредно засегнати од изјавата на Естонскиот парламент.
Република Естонија преку своето Министерство за внатрешни работи води билатерални преговори, како со Естонската православна црква, така и со Пјухтицкиот манастир, за тие да го намалат влијанието на Московската патријаршија и/или да ги прекинат врските со неа.“
Извор: https://sirel.com/mpeok-ja-puhtitsa-naisklooster-poordusid-kaebustega-halduskohtusse/ преку: https://ru.orthodox.ee/news/epcz-mp-i-pyuhticzkij-monastyr-predstavili-zhalobu-v-administrativnyj-sud/