Естонската православна црква незадоволна од измените во Законот за цркви и парохии

Во среда, 18 јуни 2025 г., естонското Собрание усвои обновена верзија на измените на Законот за цркви и парохии. Претседателот на Естонија, Алар Карис ја врати првичната верзија во Парламентот на 24 април 2025 г. со предлог законот да се усогласи со Уставот. Претседателот укажа на непропорционалните ограничувања на слободата на вероисповед и слободата на здружување, истакнувајќи дека „…не може да се воведуваат нејасни и прекумерни забрани кои влијаат на суштината на слободата на вероисповед и здружување и не се неопходни во демократското општество…“

На 19 јуни, Естонската православна црква објави своја реакција на обновената и усвоена верзија на Законот за цркви и парохии. Оваа реакција во продолжение ја пренесуваме во целост.


Естонската православна христијанска црква со жалење констатира дека усвоената верзија на нацрт-законот содржи само делумни измени, без отстранување на главните противречности со Уставот. Законот сè уште предвидува мешање во внатрешниот живот на верските организации, принудувајќи ги да донесуваат одлуки кои можат да бидат во спротивност со нивната совест и со канонското право.

Во врска со изјавите на поглаварот на Естонската апостолска православна црква, митрополитот Стефан, сметаме дека е потребно да го разјасниме нашиот став. За предложениот викаријат и промената на канонската припадност не може да се разговара под притисок на надворешните околности или во услови на правна недефинираност. Канонското заедничарење и црковната припадност се прашања од длабока духовна важност кои мора да се решаваат врз основа на црковните традиции и канонското право, а не под влијание на политичките процеси. Благодарни сме за изразената подготвеност за соработка и се надеваме дека во иднина, во помирни околности, ќе биде можен конструктивен дијалог меѓу сите православни заедници во Естонија за формите на взаемно дејство, засновани на меѓусебно почитување и на канонските принципи.

Според мислењето на Естонската православна христијанска црква, поднесокот до претседателот на верзијата на законот со ограничени измени кои не се однесуваат на самите одредби кои се во спротивност со Уставот и кои беа причина за неговото првично отфрлање, не ги зема целосно предвид забелешките на Претседателот и предизвикува загриженост во однос на запазувањето на уставните принципи. Според нашето видување, аргументите изнесени во текот на расправата за измените во Собранието недоволно одговараат на поставените прашања за усогласеноста на изменетиот закон со Уставот на Република Естонија, што може да укаже на тоа дека правните основи и меѓународните стандарди за заштита на верските слободи не добиле соодветно внимание во процесот на донесување закони.

Естонската православна христијанска црква изразува надеж дека претседателот на Естонија, како гарант на Уставот, ќе донесе избалансирана одлука и му посакува на г. Алар Карис цврстина на духот и мудрост во понатамошната одбрана на правните основи на нашата држава.

Забелешка: Стефан (Хараламбидис), митрополитот на Естонската апостолска православна црква (која е под јурисдикција на Константинополската патријаршија), го поддржува усвоениот закон, а неговиот предлог за викаријат е објавен во март 2025 г.

Извор: https://ru.orthodox.ee/news/estonskaya-pravoslavnaya-hristianskaya-czerkov-o-prinyatyh-v-rijgikogu-izmeneniyah-v-zakone-o-czerkvyah-i-prihodah/