Естонската Православна Црква правдата ја бара пред Европскиот суд за човекови права

Естонската христијанска православна црква и Пјухтицкиот женски манастир побараа од Европскиот суд за човекови права да го поништи законот со кој се принудуваат да ги прекинат врските со Московската патријаршија, под закана од нивно распуштање, соопштија нивните адвокати.

Законот, чија уставност Врховниот суд на Естонија ја потврди на 8 јуни, бара Црквата да ги прекине административните врски со Московската патријаршија и до 28 декември да избере нов митрополит. Митрополитот Талински Евгениј беше протеран од земјата во 2024 година, иако властите отворено признаа дека не претставува закана. Тој и понатаму ја носи титулата митрополит Талински.

Доколку Црквата не ги исполни барањата, министерот за внатрешни работи има намера да побара нејзино присилно распуштање, изјави црковниот адвокат Артур Књазев, пренесува Естонската радиотелевизија.

Претседателот на Естонија, Алар Карис, двапати одби да го одобри законот пред тој да биде усвоен по третпат, на 17 септември 2025 година. Потоа побара од Врховниот суд да ја испита неговата уставност, тврдејќи дека законот е противуставен.

Судот, заседавајќи во полн состав, го потврди законот толкувајќи го како забрана на административните, но не и на верските врски. Шестмина од вкупно 17 судии, меѓу кои и претседателот на судот, изразија издвоено мислење, оценувајќи дека законот не го исполнува условот за правна сигурност.

„Од Црквата и манастирот не се бара едноставно да изменат некаков документ. Во православното христијанство не можете самите да ги преработувате црковните правила, а притоа да останете православни. Секој што би го направил тоа, би се откажал од верата што ја избрал и за вистинска ја сметал до тој момент“, изјави Књазев.

Според него, Министерството за внатрешни работи, всушност, нуди „избор меѓу две невозможни опции – прифатете друга Црква или ќе ставиме крај на вашето досегашно дејствување“.

Књазев се повика и на Европската конвенција за човекови права. „Државата може да го регулира начинот на кој религијата се практикува во јавноста. Но, не смее да го принудува човекот да ја промени својата вера. Токму тоа се случува сега“, нагласи тој.

Адвокатот Стивен-Христо Евестус, кој исто така ја застапува Црквата, изјави дека образложението на Врховниот суд не соодветствува со текстот на законот. „Поимот врз кој се заснова толкувањето со кое беше спасен овој закон воопшто не се појавува во самиот закон“, рече тој.

Евестус додаде дека Министерството во текот на целата постапка инсистирало да бидат прекинати и административните и верските врски, врз основа на што Црквата и манастирот се сметаат за опфатени со забраната. „Ниту еден естонски орган не утврдил дека Црквата или манастирот направиле нешто незаконско. Постои казна, но нема прекршок“, истакна адвокатот.

Књазев се осврна и на состојбата во Пјухтицкиот манастир, во кој живеат околу 90 монахињи, со просечна возраст над 60 години. Според него, монахињи се молат во манастирот повеќе од 135 години и постојано се молат и за Естонија.

„Ако молитвите на 90 постари жени можат да ја загрозат националната безбедност, тогаш проблемот не е во монахињите“, изјави тој.

Измените на Законот за црквите и верските заедници стапија во сила на 27 јуни 2026 година, со што на верските здруженија им беше даден рок од шест месеци за усогласување.

Во јануари 2025 година, Црквата го отстрани називот „Московска патријаршија“ од своето име. Министерството за внатрешни работи оцени дека оваа промена не е доволна, бидејќи црковниот устав и понатаму предвидува потпис од патријархот Кирил за донесување важни одлуки.

Извор: https://news.err.ee/1610160289/estonian-christian-orthodox-church-takes-moscow-ties-law-to-european-rights-court