Естонската Православна Црква во своето соопштение од 3 јули годинава изрази искрена благодарност до претседателот на Естонија г. Алар Карис, за неговата доследна и принципиелна позиција во врска со измените на Законот за цркви и парохии, кој претседателот не го потврди по вторпат.
Имено, Естонскиот претседател претходно на истиот ден по вторпат одби да ги потврди измените на Законот за црквите и верските заедници, сметајќи дека направените измени од страна на Естонскиот парламент не се доволни.
„Парламентот навистина донекаде го измени текстот на Законот за црквите и верските заедници, но тоа не е доволно. Сè уште е во судир со три членови од Уставот и непропорционално ги ограничува слободата на здружување и слободата на вероисповед“, објасни шефот на државата, повикувајќи се на членовите 40, 48 и 11 од Уставот.
Во своето соопштение, Естонската Православна Црква вели: „Ова повторено решение на шефот на државата уште еднаш потврдува дека законот којшто е усвоен од Естонскиот парламент е неуставен, а целиот процес на неговото донесување имал политички, а не правен карактер. Притоа, законодавецот не ги анализирал правилно ниту основите за тие измени, ниту нивната неопходност и заснованост.“
„Се надеваме дека Естонскиот парламент сега ќе се откаже од тие противуставни амандмани и од следни обиди за нивно разгледување, бидејќи тие амандмани на Законот за цркви и парохии се објективно неуставни, како што рековме неколкупати и како што претседателот кажа по вторпат. Нашата Црква е автономно религиозно здружение кое дејствува во Естонија: ние живееме во оваа земја, ги почитуваме законите на оваа држава, ги цениме и почитуваме нејзините вредности, меѓу кои една од најважните е слободата на вероисповед.“
„Особено сме благодарни на сите православни христијани за нивната непоколеблива вера, за молитвите, трпението и довербата. Исто така, изразуваме искрена благодарност до сите што се осмелија отворено да настапат во одбрана на нашата Црква, и покрај широко распространетата информативна кампања против неа. Сето ова време се молевме усрдно и тие молитви, заедно со моралната поддршка, ни даваат сила во одбраната на црковната вистина и уставните права“ – завршува соопштението на Естонската Црква.
Сега Парламентот треба да одлучи дали повторно ќе го измени Законот за црквите и верските заедници. Ако го предложи законот без промени, претседателот најверојатно ќе ги упати на Врховниот суд.
