Естонските власти очекуваат Естонската православна црква да ја напушти јурисдикцијата на Руската православна црква во текот на овој месец

Епископ Даниил Тартуски

Претставниците на Министерството за внатрешни работи на Естонија се надеваат дека одлуката за повлекување на Естонската православна црква од јурисдикцијата на Московската патријаршија ќе биде донесена во јули оваа година, но Епископот Даниил Тартуски, викар на Талинската епархија на Естонската православна црква, сака да пристапи кон ова прашање спокојно.

Советникот за верски прашања на Министерството за внатрешни работи на Естонија, Ринго Рингвее, изјави за Естонската радио телевизија во вторник, 2 јули, дека досега Естонската православна црква не донела никаква одлука во однос на промената на црковната јурисдикција, и дека следната средба на естонските власти со претставниците на црквата ќе се одржи во јули, и тогаш ставот на црквата ќе треба да биде јасен.

Епископот Даниил Тартуски, викар на Талинската епархија на Естонската православна црква изјави за Естонската радио телевизија дека работата на ова прашање продолжува, но конечното решение сè уште не е на повидок. „Во моментов, овој процес е во тек и не можеме да дадеме дефинитивен одговор дека сме дошле до нешто конкретно, се занимаваме со прашања поврзани со нашиот устав, разговараме со претставници на Патријаршијата. Се веруваше дека во втората половина на јули ќе се сретнеме со претставници на Министерството за внатрешни работи на Естонија. Сите ние сакаме сè да се одвива соодветно со правните норми. Ваквите процеси не се случуваат за еден ден или за една недела“ – изјави епископот Даниил.

Во април оваа година, Министерот за внатрешни работи Лаури Лаенемец изрази надеж дека Естонската православна црква ќе ги согледа постапките на патријархот Кирил како ерес и ќе ги прекине односите со Москва. Последен пат за процесот на прекинување на врските со Московската патријаршија се разговараше пред речиси два месеци, кога Ринго Рингвее изјави за Естонската радио телевизија дека „Естонската православна црква може да го напушти влијанието на сегашното руско раководство“.

„Да речеме дека денес некој згрешил, па заради тоа јас сум преминал под канонска јурисдикција на некој друг. Утре тој друг ќе погреши, значи ли тоа дека јас ќе треба да барам некој трет? Ова никогаш не случувал во црквата и многу би сакал ниту сега да не се случи, како резултат на интервенцијата на владата. Во политиката гледаме дека луѓето се менуваат, владите се менуваат, се менуваат партиите, и сето тоа се случува многу брзо. Во црквата очекуваме поинаков пристап“ – рече владиката Даниил.

На прашањето дали властите на Естонија, откако ќе го загубат трпението, би можеле да прибегнат кон принуден прекин на врските, владиката Даниил одговори дека правниците на Естонската православна црква разговарале со началникот на Одделот за верски прашања на Министерството за внатрешни работи на Естонија, и истакна дека ниту на министерството не сака брза за такви одлуки.

Запрашан за принуден прекин на врските со Москва, Рингвее изјави: „Сите опции се на маса и ќе ги разгледаме чекор по чекор“.

Извор: https://rus.err.ee/1609386890/gosudarstvo-i-jepc-mp-po-raznomu-vidjat-vyhod-iz-podchinenija-moskve