Евреите-доселеници повторно го нападнаа христијанското село Тајбе на Западниот Брег

Евреи доселеници во ноќта меѓу неделата и понеделникот, 27-28 јули 2025 година, повторно го нападнаа палестинското христијанско село Тајбе на Западниот Брег, запалувајќи две возила и испишувајќи заканувачки графити – во уште еден напад врз единственото целосно христијанско палестинско село што останало во окупираната територија.

Во нападот што се случи пред зори, во селото во близина на Рамала, неколку автомобили биле опожарени, а на ѕидовите биле испишани графити на еврејски јазик. Засега нема пријавено апсења, што ја продолжува праксата на „речиси секојдневни и неказнети напади на Западниот Брег“, пренесува „Тајмс оф Изреал“.

Џериес Азар, жител на Тајбе и новинар на „Палестина ТВ“, изјави дека неговата куќа и автомобил биле нападнати. „Погледнав надвор и го видов мојот автомобил во пламен, фрлаа нешто кон него и кон куќата,“ изјави тој. Посебно се исплашил за својот двегодишен син, потсетувајќи се на нападот во Дума во 2015 година, кога Евреите-доселеници убија палестинско семејство фрлајќи молотови коктели.

На еден ѕид бил испишан графит: „Ал-Мугајир, ќе се покаеш“ – алудирајќи на блиското село кое претходно годинава исто така беше нападнато од доселеници. Израелската полиција започнала истрага, но засега не се приведени осомничени.

Германскиот амбасадор во Израел го осуди нападот, пишувајќи: „Овие екстремистички доселеници можеби тврдат дека Бог им ја дал оваа земја, но тие не се ништо друго освен криминалци одвратни за секоја вера.“

Овој напад следува по инцидентот од 7 јули, кога Евреи-доселеници подметнаа пожар во близина на историската црква „Св. Георгиј“ во Тајбе, што предизвика посета од страна на Ерусалимскиот патријарх Теофил III и Латинскиот патријарх Пјербатиста Пицабала. Црковните водачи изјавија дека доселениците запалиле христијански домови и поставиле знаци со пораки: „Немате иднина овде.“

Католичкиот патријарх предупреди дека Западниот Брег тоне во беззаконие: „Единствениот закон е законот на силата – на оние што ја имаат моќта, не законот.“

Тајбе, со население од околу 1.300 претежно христијански Палестинци, е дел од околу 50.000 христијански Палестинци што сè уште живеат во Ерусалим и на Западниот Брег. Насилството врз христијаните предизвика внимание од САД – амбасадорот Мајк Хакаби го посети Тајбе претходно овој месец.

Христијанските лидери стравуваат дека насилството ќе поттикне нов бран емиграција и ги нарекоа нападите „директна и намерна закана“ за заедницата и „за историското и духовното наследство на нашите предци и на светите места“.

Податоците на Палестинската управа покажуваат дека доселениците извршиле 2.153 напади во првата половина на 2025 година, при што биле убиени четворица Палестинци. Од октомври 2023 година, најмалку 1.008 Палестинци биле убиени на Западниот Брег од израелски сили и доселеници.

Израел го контролира Западниот Брег од 1967 година. Територијата е дом на околу три милиони Палестинци и 700.000 израелски доселеници. Минатата недела, 71 пратеник од Кнесетот изгласа необврзувачка резолуција со која се повикува на анексија на Западниот Брег. Меѓународниот суд на правдата во јули 2024 година ја прогласи израелската окупација за нелегална.

Извор: https://orthochristian.com/171547.html