„Пројава на дополнителна ескалација на турските провокации против верските чувства на Грците општо, а не само на Понтијците“ – вака го карактеризира Федерацијата на Понтиските Грци тоа што сепак не се одржа Литургија во манастирот на Пресвета Богородица – Сумела во Трабзон, Турција, на празникот на Богородичното Успение.
Во соопштението што беше објавено на 15 август, се нагласува „одговорноста е исклучиво на турските власти“ и се упатува на соопштението на Цариградската Патријаршија, според кое беше дадена дозвола за одржување на Света Литургија во петок, на 23 август 2024 година, денот кога Црквата, според новиот календар, го празнува Одданието на празникот Успение Богородично, без присуство на Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј. Ова е првпат по Патријаршиската Света Литургија во манастирот Сумела во 2010 година, да не присуствува Патријархот Вартоломеј.
„Јасно е дека националистичките кругови во Турција и длабокото кемалистичко подземје, кои години наназад силно реагираа на празнувањето на 15 август (Успение Богородично) во манастирот Пресвета Богородица – Сумела со началствување на Вселенскиот Патријарх, сè повеќе притискаат за антиелинска и провокативна позиција“ – се вели во соопштението.
Федерација на Понтиските Грци исто така го коментира ставот на Грчката влада, „која повторно виновно молчи како риба“ и говори за „морален и политички пад“.
„Ние сме тука, на фронтот на борбата, верни на светата заклетва кон нашите 353.000 загинати предци. Ние сме тука и продолжуваме“ – завршува соопштението.