На 28 ноември 2024 година, Помесниот собор на Финската Православна Црква ја заврши својата работа со изборот на митрополит Илија (Валгрен) за предстојател на Финската Православна Црква. Кандидати на изборите беа Неговото Високопреосвештенство Илија, митрополит на Оулу, и Неговото Преосвештенство Сергеј, епископ на Хамина.
Изборите се одржаа по Божествената Литургија во Спасо-Преображенската црква на Валаамскиот манастир (Хеинјавеси, Северна Карелија). Божествената Литургија ја предводеше Неговото Високопреосвештенство Стефан, митрополит на Талин и на цела Естонија, а му сослужуваа Неговото Високопреосвештенство Атинагора, Μитрополит на Кидонија, Ипертим и егзарх на Еолида, Неговото Високопреосвештенство Арсениј, митрополит на Куопио и Карелија, архимандрит Михаил (Нумела), протојереј Ајвар Сарапик и свештенството на манастирот.
На Божествената Литургија молитвено присуствуваа Неговото Високопреосвештенство Илија, митрополит на Оулу, и Неговото Преосвештенство Сергеј, епископ на Хамина.
Изборите се одржаа под претседателство на Неговото Високопреосвештенство Лев, архиепископ на Хелсинки и на цела Финска. Во изборната комисија учествуваа делегати на Помесниот собор: протојереј Раунo Пиетаринен од свештенството и Мати Толванен од мирјаните. Во гласањето учествуваа сите делегати на Помесниот собор на Финската православна црква. Резултатот од тајното гласање беше: 24 гласа за митрополит Илија, 9 гласа за епископ Сергеј, а два гласачки ливчиња беа празни.
По изборите, во црквата „Св. Сергеј и Герман Валаамски“ се одржа кратка прес-конференција на митрополит Илија.
Резултатот од изборите веднаш ќе му биде соопштен од Неговото Високопреосвештенство архиепископ Лев на Цариградскиот патријарх Вартоломеј. Потоа, митрополит Илија, во придружба на двајца секретари, ќе отпатува на 29 ноември 2024 година во Истанбул за да учествува на 1 декември 2024 година на седницата на Светиот Синод на Цариградската Патријаршија во административниот центар на Фанар.
На седницата на Синодот, резултатите од изборите на Помесниот собор на Финската православна црква за нов архиепископ ќе бидат канонски потврдени. Потоа ќе се изврши кратка молитва, а Неговото Високопреосвештенство Лев ќе биде ослободен од канонска одговорност, ќе ги положи своите должности и официјално ќе биде пензиониран.
Интронизацијата на митрополит Илија како архиепископ на Хелсинки и на цела Финска ќе се одржи на 15 декември 2024 година во Успенската катедрала во главниот град.
Кратка биографија на Неговото Високопреосвештенство Илија, митрополит на Оулу
Неговото Високопреосвештенство Илија (со светско име Мати Вели Јухани Валгрен, фин. Matti Veli Juhani Wallgrén) е роден на 8 декември 1961 година во Кајани. Мајка му е православна, а татко му преминал во православието во подоцнежните години од животот.
Во 1981 година завршил средно образование во Кајани, Финска. Потоа студирал шведски и чешки јазик, како и фонетика, на Универзитетот во Стокхолм. Од 1983 до 1986 година посетувал Педагошки институт во Стокхолм, каде што се стекнал со квалификации за наставник.
Продолжил да работи како наставник, живеејќи осум години во Шведска и две години во Чешка. Во православието пристапил во Хелсинки во 1994 година, а од 1996 до 2001 година студирал православно богословие на Универзитетот во Јоенсуу.
Ракоположен е во 2003 година, а од 2014 година е митрополит на Оулу. Познава неколку јазици и е посветен на Црквата.
Повеќе за Финската православна црква прочитајте тука.
Извор: https://www.ort.fi/ru/поместный-собор-фпц-2024-года-завершил-ра/