Во четврток, на 28 август, Црковната управа на Финската Православна Црква усвои заклучок во однос на предлогот на Владата за измена на член 119 од Законот за Православната Црква.
Основна содржина на заклучокот
Црковната управа на Финската Православна Црква (ФПЦ) се спротивставува на предлогот на Владата за намалување на државните дотации за црквата во 2026 и 2027 година. Во предлогот се предлага дополнително намалување на годишните дотации што државата ѝ ги доделува на ФПЦ за 200.000 евра во 2026 и 2027 година. Станува збор за трето последователно намалување на државната поддршка за многу краток временски период. Од почетокот на 2025 година нивото на државните дотации за ФПЦ е намалено за 392.000 евра. И понатаму останува условот за зголемување на државните дотации во 2024–2026 година: корекцијата на индексот на потрошувачките цени се намалува за еден процентен поен. ФПЦ смета дека предложените намалувања од страна на Владата се несразмерни и неправедни и ќе имаат севкупно негативно влијание врз можностите на црквата да ги извршува своите основни функции.
Основа за претходното намалување на државните дотации за дејноста на ФПЦ беше прогнозата за раст на даночните приходи за православните парохии, која во реалноста беше значително пониска од очекуваното. Дополнително, даночните приходи беа пренасочени кон парохиите, додека предлогот на Владата се однесува на кратење на државните средства за работата на централната администрација на Финската Православна Црква.
Според општите проценките на ФПЦ, во Финска моментално живеат околу 150.000 православни, од кои околу 57.000 се регистрирани верници на ФПЦ. Бројот на православни значително порасна поради приливот на бегалци од Украина. Регистрацијата во православните парохии и плаќањето црковен данок им се непознати на преселените лица крстени во Православието. Статистиката покажува дека бројот на православни во Финска значително го надминува бројот на регистрираните верници на ФПЦ. Особено тоа е очигледно од бројот на ученици што ја изучуваат „Основи на православната вера“ во училиштата – околу 3% од сите ученици, додека според бројот на регистрирани верници овој процент не би требало да надминува 1%.
Парохиите на ФПЦ се отворени за сите православни христијани што живеат во Финска, без оглед на нивната официјална регистрација. За преселените лица регистрацијата станува актуелна при крштевка на дете, при склучување брак или погреб.
Намалувањето на државната помош е неправедно распределено
Поради помалата големина, Православната Црква и нејзините парохии имаат посебна економска положба во однос на поголемите верски заедници. Поголемиот дел од нивните приходи се користи за исполнување на општествени обврски. За тоа сведочи и фактот што стапката на црковниот данок во православните парохии е во просек повисока (0,58% во 2024 година) отколку во евангелистичко-лутеранските. Предложените намалувања не ја земаат предвид ранливоста на оваа помала црква.
Во однос на вкупниот буџет, предложените намалувања се значителни. Државните субвенции сочинуваат околу 35% од вкупните приходи на Православната Црква во Финска. Пресметката на основното ниво веќе го намали износот на државните субвенции за околу 14%, а новиот предлог предвидува намалување поголемо од 21% во однос на претходната сума на државни дотации.
Намалувањата се однесуваат на основната црковна дејност
Од државните дотации што ги добива ФПЦ се финансира и дејноста на Црковното управување и епархиските канцеларии, како и одржувањето и работата на Православната богословска семинарија. Освен ефективното управување, тие се одговорни за поддршка, просвета и помош на парохиите во извршувањето на нивното основно служење. Овие намалувања директно би ја погодиле способноста на црквата да ја извршува својата мисија.
Заклучок и предлози
ФПЦ ѝ се обраќа на Владата со молба да го остави без разгледување предлогот за намалување на државните дотации за 2026 и 2027 година. Очигледно е дека овие намалувања негативно ќе влијаат врз функционирањето на црквата и нејзината способност да ја исполнува својата мисија во финското општество.
Црквата е подготвена да продолжи со конструктивен дијалог со државата и да учествува во оценка на врската помеѓу државните дотации и трошоците за одржување на црковните структури и нивната дејност.
Извор: https://www.ort.fi/ru/церковное-управление-фпц-сокращение/
