Фондацијата на Српската Православна Црква во Колумбија додели помош за педесет деца

Фондацијата „Колумбија на достоинството“, хуманитарната иницијатива на Српската Православна Црква во оваа земја, оваа недела подари училишни комплети, униформи и спортска опрема за педесет деца од училиштето „Ла Марија“ во провинцијата Антиокија. До оддалеченото село претставниците на Српската Православна Црква пристигнаа по одамна заборавена железничка рута и со помош на „мотородилоси“.

Протосингелот Симеон Лопез, старешина на парохијата „Света Троица“ на Српската Православна Црква во Меделин — единствената парохија на Српската Црква во Колумбија — вели дека ова е осми пат да организираат акција за помош на најмладите во руралните средини на оваа земја.

– Го одбравме малото училиште „Ла Марија“ во населбата на општината Караколи, провинцијата Антиокија. Овојпат, педесет деца и млади од предучилишно, основно и средно образование добија целосни комплети за училишната сезона: ранци, тетратки, моливи, боички, футроли и друг потребен прибор за со достоинство и радост да ја започнат наставата – истакнува протосинѓел Симеон за интернет-порталот на Српската радио-телевизија.

Селското училиште Ла Марија спаѓа меѓу посиромашните во Колумбија и ретки се децата што ја имаат целата потребна училишна опрема, а особено им недостига спортска опрема.

Отец Симеон вели дека средствата биле собрани од верниците и пријателите на парохијата.

– Највредна е радоста на тие деца кога им беа врачени пакетите. Зад секој поделен комплет стојат недели организација, донации од верници и пријатели на парохијата, како и уверувањето дека православната вера не се затвора во ѕидовите на храмот, туку се излева во конкретни дела на љубов. Фондацијата „Колумбија на достоинството“ продолжува да ткае мрежи на солидарност на Антиокиската земја носејќи надеж на оние на кои им е најпотребна, со благословот на свети Сава и сигурноста дека Христос се крие и во лицето на детето кое првпат носи нов ранец – порачува отец Симеон.

За да стигнат до ова зафрлено село, волонтерите на Српската Православна Црква допатуваа до центарот на Караколија, а до населбата стигнаа со „мотородилос“— уникатно, рачно изработено возило со дрвени клупи и импровизирана церада, приспособено за возење по шини. Жителите на овој дел од Колумбија и понатаму користат делови од историската пруга по која возови одамна не сообраќаат.

Железницата била изградена меѓу 1874 и 1929 година и била клучна за развојот на Антиокија, но во текот на втората половина на 20 век го изгубила значењето поради изградбата на патишта и современ транспорт. Патувањето по оваа пруга сè повеќе станува своевидна туристичка атракција во Колумбија.

– Овој начин на транспорт, денес претворен во туристичка атракција и симбол на снаодливоста на Антиокија, им овозможи на волонтерите да минат низ планински пејзажи и со жителите да ја споделат вредноста на железничкото сеќавање што и понатаму живее на тие стари шини – вели Лопез.

Фондацијата на Српската Православна Црква „Колумбија на достоинството“ функционира во рамките на парохијата Света Троица во Меделин, основана во 2014 година со благослов на блаженоупокоениот митрополит Црногорско-приморски Амфилохиј, тогашен администратор на Епархијата Буеносајреска и Јужноамериканска на Српската Православна Црква.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//15755.fondacija-srpske-pravoslavne-crkve-u-kolumbiji-urucila-pomoc-za-pedeset-malisana.html