На 25 декември, во соборниот храм во Тбилиси, на денот на светиот Спиридон Тримитунтски, беше торжествено прославен јубилејот – 47 години од интронизацијата на Грузискиот патријарх-католикос г.г. Илија II.
Патријархот-католикос г.г. Илија е роден во 1933 година во градот Владикавказ, Северна Осетија, во тогашниот Сојуз на Советски Социјалистички Републики. По завршувањето на средното образование во родниот град, го продолжил своето образование во Московската богословија, која ја завршил во 1956 година.
На 16 април 1957 година, во храмот на Свети Александар Невски во Тбилиси, кога бил студент во втората година на духовната академија, со благослов на Католикос-Патријархот Мелхиседек III, бил замонашен со името Илија, во чест на светиот пророк Илија. Чинот на замонашување го извршил старецот-епископ Зиновиј (Мажуга), кој тогаш му претскажал на новозамонашениот Илија служење како Патријарх. Католикос-Патријархот Мелхиседек го ракоположил во јероѓаконски чин, а подоцна Рускиот Патријарх Алексиј I го ракоположил во јеромонах.
Во 1960 година, тој докторирал на Московската духовна академија на тема „Историја на светогорскиот манастир Ивирон“. Во 1963 година бил ракоположен во епископски чин и поставен за викар на Католикос-Патријархот Ефрем II. Од 1963 до 1972 година бил ректор на Мцхетската богословија, која тогаш била единственото духовно училиште во Грузија.
На 23 декември 1977 година бил избран за Католикос-Патријарх на цела Грузија. Интронизацијата се одржала на 25 декември 1977 година.
Од 1978 до 1983 година бил претседател на Светскиот совет на црквите. Во 1997 година, Грузиската православна црква излегла од оваа организација.































