Претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, заедно со својот домаќин, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, на 5 јуни 2026 година, го посетија Цетињскиот манастир во Црна Гора. Во Цетињскиот манастир високите гости ги пречека Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Јоаникиј, кој ги запозна францускиот претседател и неговата делегација со богатата и славна историја на овој манастир и со светините што се чуваат во него.
За почитуваните гости беше приреден прием во просториите на Митрополијата, при што во пријатна и срдечна атмосфера се разговараше за многу актуелни теми. Претседателот Макрон го запозна митрополитот Јоаникиј со причините за неговата посета на Црна Гора, како и со перспективите и можностите што се отвораат пред Црна Гора во рамките на членството во Европска Унија – пренесува интернет страницата на Црногорската митрополија.
Митрополитот Јоаникиј им посака добредојде на гостите и ја истакна важноста на посетата на претседателот Макрон на Црна Гора. Тој говореше за мисијата, културната и духовната дејност на Митрополијата Црногорско-Приморска во Црна Гора, како и за повеќевековната грижа на Српска Православна Црква за зачувување и изградба на христијанското и културното наследство на овие простори.
Говорејќи за своите славни претходници, без чија улога е невозможно да се замисли историјата на Црна Гора, митрополитот Јоаникиј изрази уверување дека Црна Гора во културна и духовна смисла има што да ѝ понуди на современа Европа. Борбата за слобода, чест и достоинство, како и христијанската подготвеност за жртва, го краселе овој слободарски народ. Без тие универзални и вечни вредности ниту еден народ и ниту една држава не би имале подлабока смисла.
На крајот од пријателскиот и искрен разговор, претседателот Макрон му се заблагодари на домаќинот за срдечниот пречек и убавиот разговор, а митрополитот Јоаникиј му подари на претседателот на Франција, како спомен од оваа посета, реплика на ранохристијанскиот дискос познат под називот „Подгоричка чаша“ – реликвија пронајдена на локалитетот Дукља, која денес се чува во познатиот музеј Ермитаж во Русија.






